Влада: „Гаранција за млади“ дава добри резултати, досега вклучени 1.770 лица

На последната седница Владата на Република Македонија го разгледа извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади – пилот фаза за 2018 година.

„Во досегашниот период на имплементација на младинската гаранција во три општини, од март 2018, остварени се следните резултати: вкупен број на вклучени млади: 1.770, од нив 855 женски и 915 машки“, соопшти Владата, тврдејќи дека програмата дава добри резултати.

Од сите вклучени, вработени се 518, а останатите се вклучени во други мерки како практиканство, обука на работно место, обуки за побарувани занимања на пазарот на труд, обуки за напредни ИТ вештини.

„Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започна со имплементирање на програмата „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе. Во земјите членки на ЕУ оваа програма успешно се имплементира од 2012 година. Партнер во имплементацијата е Националниот младински совет“, стои во соопштението на Владата.