Вклучувањето во политиката сè уште сериозен предизвик за жените

Иако учеството на жените во парламентот е зголемено до 35 проценти, се забележува тренд на стагнација и останува проблемот со нееднаква родова застапеност во политиката, покажува најновото истражување на невладината организација „Реактор“ кое денеска го претстави Неда Коруновска, а во кое биле вклучени 21 организација.

Според Коруновска, вклучувањето на жените во политиката сè уште претставува предизвик. Таа потенцираше дека заклучоците од истражувањето важат за сите политички партии без разлика дали се наоѓаат на левата или на десната страна, или се од друга етничка заедница.

„И покрај тоа што и мажите и жените се едногласни дека жените ги имаат истите квалификации и компетенции, она што беше истакнато и од мажите и од жените како главна причина е дека сепак сè уште партиите немаат доверба во жените и поради тоа се маргинализираат“, забележа Коруновска.

Ваквото мислење го сподели и Луис Винтон, постојана координаторка на Обединетите Нации во Македонија, која забележа дека во моментов во светот само 22 проценти од жените учествуваат во парламентот, а за да се постигне целосна еднаквост потребно е да поминат дури 81 година.

„Сепак, денес, ниту една земја нема постигнато еднаквост, но точно е дека се повеќе жени низ целиот свет започнуваат со образованието, се повеќе жени се вклучуваат на пазарот на трудот и голем број на жени се претставници во парламентите“, рече Винтон.

Според заменик-министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими ресорното министерство вложува напори за родова еднаквост во сите сфери во кои доминира статусот на жените,  посочувајќи на програмата за вработување на жени во локалните заедници и помалите етнички заедници, како и акцискиот план 2013-2017 година.

На Конференцијата која се одржа по повод меѓународниот ден за правата на жените, за реалната состојба на жената во политиката зборуваа претставничките на двете најголеми партии во државата, Радмила Шеќеринска од СДСМ и Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кога првпат влеговме во парламентот, состојбите во македонското Собрание беа така како што се чувствуваат мажите во оваа соба. Ако добро изброив беа седум мажи на масата, такви бевме и ние жените во македонскиот парламент. Седум, од 120“, забележа Шекеринска.

Според неа, државата се уште не е во позиција да зборува за квалитет. Таа потенцираше дека она што се случува во политичките партии се рефлектира на платата, во состојбата во парламентот, на локално ниво, па и на состојбата во општеството.

„Треба да потенцирам на една ситуација која за жал се уште е присутна во нашето општество, па дури и во круговите на образованието, а тоа се стереотипните сфаќања и ставови пред се во поглед на политичкиот ангажман на жената и нејзиното учество во политиката“, констатираше Рангелова.

Таа смета дека за да се продолжи понатаму потребно е да се работи на лобирањето и да се изнајдат соодветни механизми коишто жените од различен профил различно би ги користеле, а со тоа да влијаат врз подигнување на свеста кај жената.

Целта на денечната конференцијата беше преку дискусија да даде одговор на прашањата за тоа дали жените имаат моќ за промени и кои се предизвиците со кои се соочуваат.

Е.П.