Преку промоција на кампањата „Вклучи се, ако си исклучен!“, младите во Гостивар се информираа околу тоа кои се предностите да се биде активен граѓанин.
Во рамките на проектот „Активни за демократија“, активисти на Граѓанската асоцијација МОСТ во центарот на градот делеа едукативен материјал. Главните предизвици што ги адресира проектот се недостатокот од познавање на младите гласачи за теми поврзани со изборите, како и нискиот степен на заинтересираност за активно учество во демократските процеси. Исто така, проектот посочува на недостатоците во формалното образование за соодветно информирање на младите гласачи.
„Целта на активностите што ги спроведуваме е да дадеме придонес кон засилување на капацитетите на младите преку промоција на нивните права и слободи поврзани со изборите, како и преку промоција на потребата од активно учество во демократските процеси”, информираат од МОСТ.
Проектот од околу 83.000 евра е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструмент за демократија и човекови права.
Г.М.