Родовата еднаквост во пристапот до правда е клучна во процесот на обезбедување општество кое е демократско и правично, во кое младите ќе ја гледаат својата иднина.
Во принципот на владеење на правото, еднаквост во пристапот до право и правда, вклучително и родовата еднаквост која историски се покажува како точка од која се создава јазот на неправичната дистрибуција на пристапот до институциите на правото се централни теми во унапредување на системот на правото и утврдување на принципот на владеење на правото.
Според проф. д-р Боби Бадаревски, раководител на Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје прашањето за пристапот на жените до правда претставува еден од клучните индикатори за функционалноста на правниот систем и квалитетот на демократијата.
Во тој контекст, анализата на пристапот до правда бара надминување на нормативниот пристап и отворање на прашањето за реалните механизми преку кои правдата се овозможува — или се ограничува, истакнува проф. д-р Бадаревски.
Во 2026 година, жените глобално располагаат со само 64% од правата што ги уживаат мажите, а според проекциите на UN Women, со моменталното темпо ќе бидат потребни 286 години за затворање на овој јаз.
Овие бројки не се апстрактна статистика — тие се системски показател за длабока институционална инерција, заклучува проф. Бадаревски.
Засега, според Бадаревски постојат видливи разлики во однос на глобалната состојба со пристапот до правда кој ја уважува родовата еднаквост како принцип и сликата која е присутна во Македонија.
Усвојувањето на Заклучоците на 70-тата сесија на Комисијата за статусот на жените (CSW70) во март 2026 претставува значаен нормативен чекор. Документот експлицитно бара од владите да ги ревидираат дискриминаторските закони — вклучително оние за детски бракови, семејно право и имотни односи — и да обезбедат ефективен пристап до правна помош и поддршка за жртвите на насилство. Фактот дека овие заклучоци беа усвоени со гласање (37 за, 1 против, 6 воздржани), а не со консензус, говори за политичките тензии кои ја опкружуваат родовата правда дури и на мултилатерално ниво, вели тој.
Сепак дури и на глобално ниво постојат предизвици кои прашањето на родовата еднаквост во поглед на пристапот до правда го претвораат во идеализам, затоа што во реалноста овие меѓународни документи ретко се применуваат, или нивната примена сепак не го овозможува посакуваниот резултат.
Пристап до право и правда во Северна Македонија
Според Маја Атанасова од Здружението на млади правници, во Македонија постои генерално неутрална законска рамка која не ги препознава родовите специфики на проблемите иако навидум постои правна заштита на жените. Сепак, како што вели еднакви права не значат и еднаков пристап до правда. Во вакви услови, формалната еднаквост не е доволна да ги надмине постојните бариери, што се одразува и во начинот на кој жените пристапуваат до своите права.
Главните проблеми со нееднаквиот пристап до право и правда, Атанасова ги адресира во сферата на имотните и наследните права, несигурни работни места поради бременост и раѓање, семејното насилство, насилството што жените го доживуваат во својот дом, но и небезбедна средина надвор од своите домови каде жените често се жртви на сексуалното насилство или вознемирување, вклучувајќи ги и дигиталните платформи.
Сè уште се забележува несигурност, па дури и срам кога жени се јавуваат да прашаат дали им следува имот во оставинска постапка. Иако наследните права се изедначени со децении, жените често имаат грижа на совест доколку одлучат да не се откажат од тоа што им припаѓа. Слична е ситуацијата кога прашуваат за заштита од отказ поради бременост. Иако се свесни дека законите ги штитат, се плашат дека бараат премногу ако побараат враќање на работа по породувањето, истакнува Атанасова.
Нееднаквиот пристап до право и правда во Македонија се должи и на фактот што дистрибуцијата на улогите го пренесува тежиштето на товарот кај жената, како во семејството, така и на пазарот на труд, каде што многу треба да се докажува за да и биде дадена шанса или да опстане на своето работно место, особено по користење на проодилното отсуство.
Уделот на младите во унапредување на родовата еднаквост во пристапот до правда
Младите ја имаат темелната улога во унапредување на можностите за еднаков пристап до право и правда. Преку својот активизам, вклученост во теми кои ги засегаат самите млади, даваат значаен придонес за прашањата кои ги тангираат самите нив во процесот на креирање на политики и носење на одлуки. Затоа како што Теодора Милеска од Стела посочува, кога се зборува за еднаков пристап до право и правда, не се говори само за правен систем, туку пред сѐ за еднаков пристап до можности. Прашањето за еднаков пристап до правда, според Милеска во суштина треба да се постави како во однос на можностите, а не само во однос на законите и процедурите кои се манифестниот, односно формалниот дел од целокупната слика.
Кога зборуваме за правда, особено кога зборуваме за женска правда, не зборуваме само за правни системи, закони и процедури. Зборуваме и за пристап до ресурси, инфраструктура и за (еднаков) пристап до можности. За мене, пристапот до правда значи и нешто многу конкретно — имање на соодветни тоалети во средните училишта. Во моето досегашно искуство, безброј пати сум го слушнала оној „аууу“ звук кога ќе прашам какви се тоалетите во училиштата. А кога ќе потпрашам „значи не се добри?“, најчесто следи гласно „не“, вели Милеска.
Според неа, нееднаквиот пристап се согледува на многу базични и практични примери од секојдневието на младиот човек, па затоа може да се каже дека генерално секој млад човек ја искусил или се соочил со нееднавост во поглед на пристапот до право и правда.
Кога ги слушам средношколките како зборуваат за условите — за тоалети кои се под секое достоинствено ниво, нечисти, неодржувани и со години нереновирани — не можам да не почувствувам одговорност. Одговорност не само на институциите, туку и на нас како општество што го нормализирало отсуството на основни услови, потенцира Милеска.
Социјалната сегрегација и приоретизирање на улогите дури и во школскиот систем кога се работи за најбазичните пристапи до тоалети, санитација и пивка вода, укажува дека длабоката поделеност на општеството, нееднаквоста почнува уште во образовниот систем и е длабоко вкоренета во нашето секојдневие.
Уште потажно е кога ќе слушнете дека реновираните тоалети често се достапни само за професорите — заклучени, со клуч, и едноставно „не се за учениците“. Во исто време, знаеме дека просечно една средношколка во Северна Македонија губи околу 36 дена од настава во текот на своето четиригодишно образование поради менструација. Ова не се должи само на недостиг на менструални производи или менструална болка, туку и на недостиг од соодветна инфраструктура за достоинствено менаџирање на менструацијата во училиштата, истакнува Милеска.
Борбата за еднаков пристап до право и правда низ визурата на Марта Стевковска, новинарка и млада активистка е дека кога зборуваме за правда на жените, потребно е континуирано работење на оваа тема, бидејќи секојдневно во многу сфери од животот, пристапот до право и правда на жените им е нарушен, отежнат или целосно оневозможен.
Стевковска беше една од организаторките на овогодинешниот Осмомартовски марш кој се одржа под паролата „Нема да не снема“. Главни протестни барања на маршот беа поголема институционална заштита на жените кои се жртви на семејно насилство и спречување на фемицид, безбедноста на жените според Стевковска е загрозена во сите сфери од нејзиното живеење и делување.
Правда немаше ниту за Росица, ниту за Танкица, ниту за Рамајана, ниту за Ивана и Катја, правда немаше ни за Јалдз Веапоска која со години по судови ја бараше и ја чекаше поради тоа што остана без неколку органи. Правда не добиваат ни земјоделките, ни жените во руралните средини кои често се оставани на маргините, а правда не добиваат ни жените низ нашата историја, кои се заборавени и отфрлени како Вера Јоциќ чија биста беше украдена, а никогаш не се најде сторителот. Токму затоа и овогодинешниот осмомартовски марш беше посветен на тоа дека *Нема да нè снема* иако нè бришат, нè забораваат, нè игнорираат и нè оставаат сами да се бориме со сите предизвици, но и за сопствените животи, вели Стевковска.
Сепак според Стевковска овие податоци и црни статистики се поттик, борбата да продолжи, тие не треба да бидат обесхрабрувачки, туку јасен апел за акција со цел предизвикување на конкретна промена.
Кога ќе се осврнам на минатата и оваа година на сите случаи и постојано полниот билтен со нови случаи на насилство или фемициди, и на тоа дека многу често, во скоро сите се работи за институционални пропусти и слабата реакција или слабата проценка на ризик, навистина не можам да очекувам дека некогаш ќе доживееме правда. Но тоа не значи дека не треба да се бориме, напротив треба да излегуваме на улица, да протестираме, гласно и јасно да ги споделуваме нашите пораки и да видат и самите институции дека во ова општество има граѓанки и граѓани кои можат да увидат дека системот не чини и дека е време да се смени, да постои одговорност, вели Стевковска.
Улогата на момчињата и младите мажи во унапредувањето на родовата еднаквост и придобивките од родовата еднаквост врз општата популација
Кога говориме за родова еднаквост во пристапот до правото и правдата, замислуваме дека тоа е ексклузивно прашање кое се однесува само на жените, во најмала рака е „нивна борба“, а стереотипите одат дотаму што се вели дека со унапредување на правата на жените, се намалуваат правата на мажите. Овие стереотипи немаат никакво ниту здраворазумски, ниту докажано оправдување во реалноста.
Напротив борбата за родовата еднаквост во пристапот до право и правда ги засега еднакво мажите колку и жените, бидејќи тоа е единствен начин да се изгради општество со демоктарски капацитети, да ги вклучи потребите за сите граѓани. Со унапредување на правата на жените, бенефитите ги чувствува општата популација, затоа борбата за родовата еднаквост ја водат и мажи исто колку што ја водат жени и паралелно со еманципацијата на жените, нужно е да е присутна и еманципацијата на мажите.
Во рамките на Хера е отворен Центар за мажи и момчиња, со особен фокус на млади од 15 до 25 години, кој се занимава меѓудругото и со унапредувањето на родовата еднаквост во пристапот до правото и правдата преку уделот на момчињата и мажите и нивните позиции по оваа прашање. Иако постои добра волја во работата кон унапредување на родовата еднаквост и кај самите мажи, Виктор Бучковски забележува дека, одредени ставови кои се прифатени како научни вистини прават голема стагнација во процесот на еманципацијата на мажите.
За мене ова покажува дека постои голем потенцијал за понатамошна работа, соработка и овозможување на мажите во нашата средина преку модели на грижливост, одговорност и личен развој. Убеден сум дека голем број мажи искрено веруваат во родовата еднаквост. Проблемот е што многумина не располагаат со доволно аргументи, знаење и алатки за таа верба да ја претворат во секојдневното однесување. Тоа во голема мера произлегува од недостатокот на позитивни примери во нашето општество. заклучува тој.
Во рамките на Центарот за мажи и момчиња, со заинтересираните корисници на услугите, работат експерти, психолози и психотерапевти кои преку терапевтска работа се грижат за менталното здравје на момчињата и мажите, кое самото е нарушено, токму поради погрешните ставови и верувања, на кои преку воспитанието биле изложени момчињата.
Цената на токсичната машкост е висока и за самите мажи. Ако ги погледнеме бројките, кај мажите е поголем уделот на кардиоваскуларни заболувања, а почесто и умираат од срцеви заболувања. Проблемите со зависности исто така се поизразени кај мажите. Тоа често е последица на модел во кој, наместо разговор и барање конструктивни начини за справување со проблемите, се посега по алкохол, дроги, агресија и насилна комуникација, вели Весна Матевска, психолог во Хера.
Иако индивидуалните потреби се важни, вели Матевска, проблемите произлегуваат од системските слабости, како и недостиг на поддршка и позитивни модели на грижа кои ќе им помогнат на мажите да се ослободат од стереотипите кои им штетат поединечно, но и се штетни како модел на однесување по целата заедница.
Темите како родителство, грижа за себе, здрави врски и релации се дел од темите на кои активно работиме. Свесни сме за потребата што ја имаат мажите, а тоа јасно го потврдува и сликата на терен. Индивидуалниот пристап, освестувањето на проблемите и отворањето можност за работа се првиот чекор кон промена на свеста и кон поголема грижа за себе. На ваков начин овозможуваме прекин со традиционалните штетни модели на машкост и придонесуваме кон превенција на насилството, истакнува таа.
Пристапот до правда започнува со информираност и доверба во системот
Кога зборуваме за пристап до правда, првата помисла ни се судски процеси, судници, закони и сл. Но во пракса, правдата почнува многу порано, почнува со тоа тоа дали сме информирани за нашите права, дали имаме и знаеме каде да се обратиме, дали ќе бидеме слушнати, вели Кристина Плечиќ специјалист за родова еднаквост при UNDP.
Заради тоа, додава таа, UNDP пристапува кон правдата како системско прашање, но со силно индивидуално значење.
Имено, од една страна работиме со институциите за да придонесеме кон пофункционален систем, но истовремено работиме и со самите граѓани/ки со цел правото да не остане само „на хартија“.
Плечиќ ја потенцира важноста на теренската работа и партнерството со локалните организации како клучни механизми за надминување на институционалните бариери.
Преку конкретна иницијатива за унапредување на системот за бесплатна правна помош, работиме на на тоа правдата да стане навистина достапна, не само преку подобри законски решенија, туку и преку услуги што стигнуваат до жените кои имаат ограничен пристап до институциите. Тоа значи поддршка на институциите, но и директна работа со локални организации, со цел да се допре до жени кои инаку не би побарале помош, вели Плечиќ.
Таа ја потенцираше и важноста на хуманизацијата на институционалниот третман. Системот не смее да биде спор и неагилен, но не смее да биде ниту студен. Секоја жртва треба да се чувствува слободна и безбедна да побара помош и заштита.
Мора да напоменам дека, за нас, подеднакво е важно и како системот ги третира луѓето кога ќе се најдат во него. Во таа насока, преку нашите проекти работиме на зајакнување на примената на „victim-centered“ и „trauma-informed“ пристапот од страна на институциите кои што се особено важни во случаи на сексуално и родово базирано насилство, вклучително и дигитално насилство. Правдата не смее да предизвика нова траума, туку поддршка и прифаќање, заклучува Плечиќ.
Кристина Плечиќ ја нагласува и врската меѓу довербата во институциите и реалната достапност на правдата, при што квалитетот на искуството во системот се прикажува како клучен фактор за охрабрување на граѓаните да ги остварат своите права.
Вистинскиот еднаков пристап до правда е видлив само кога луѓето, особено тие од ранливите групи ќе се осмелат, без задршка, да побараат помош, да пријават неправда, да не се откажат од своите права. За една жена, тоа може да значи дека конечно ќе пријави насилство. За друга дека ќе побара заштита или ќе го оствари своето право на работа, имот или достоинство. Но, исто толку важно е и какво искуство ќе има во тој процес, дали ќе биде разбрана, дали ќе биде заштитена, дали ќе ѝ се верува. Кога институциите успеваат да одговорат на тоа, правото престанува да биде апстрактно и станува нешто што навистина менува животи. А, кога луѓето почнуваат да веруваат дека институциите се на нивна страна, се гради доверба, се намалува стравот и полека се создава чувство дека правдата не е привилегија, туку право, вели Плечиќ.
На прашањето дали борбата за еднаков пристап до правдата, ако се третира од родов аспект треба да биде ексклузивно жена борба или во тоа треба да се вклучат и мажите, Плечиќ вели дека улогата на младите е клучна, особено на младите мажи.
Од една страна, нееднаквиот пристап до правда несразмерно ги погодува жените, особено кога станува збор за родово базирано насилство, економска зависност или дискриминација. Во таа смисла, не може да се игнорира родовата димензија. Но, од друга страна, еднаков пристап до правда е основа на владеењето на правото и кога системот функционира за оние што се најранливи, тој функционира подобро за сите, вели таа.
Плечиќ додава дека улогата на мажите особено на младите мажи е клучна во моментот кога ќе разберат дека борбата за родова еднаквост во пристапот до правото и правда ги ослободува и нив – од очекувања, стереотипи и притисоци, тие не остануваат само поддржувачи, туку стануваат сојузници.
Перспективите на родовата еднаквост во пристап до право и правда
Од институциите, преку граѓанските организации, медиумите па се до граѓанин поединец секој има важна улога и уддел во унапредување на родовата еднаквост во пристапот до правото и правдата.
Институциите не се апстрактни згради со масивна архитектура во која се е структурирано низ шалтери, формални улоги или институционални канали чија административна цел е да го забавува или отежнува процесот на реализирање на целите, визијата и мисијата. Институциите се конкретни места каде граѓаните секојдневно престојуваат или ги остваруваат своите права, од образование – градинки, училишта, преку работните места, до институциите за здравствена заштита, социјална заштита, па сѐ до судовите како највисоката инстанца за остварување на правото и правдата.
За мене, ова е прашање на пристап до правда — и пред да ја врземе правдата само за судови и институции, мора да разбереме дека таа започнува во секојдневието: со пристап до јавни и училишни тоалети, со бесплатни менструални производи, во крајна линија со еднаков пристап до образование и здравје, вели Милевска.
Сличен став има и проф. д-р Бадаревски, тој истакнува дека судницата не е место ниту каде што започнува, ниту каде што завршува правдата и правото, таа е само една алка во синџирот.
Пристапот до правда за жените не е линеарен процес кој започнува и завршува во судницата. Тој вклучува неколку меѓусебно поврзани димензии: физичка пристапност до институциите (особено во руралните средини), финансиска достапност на правните услуги, информираност за сопствените права, психосоцијална поддршка која ја надминува траумата и можеби најважно — институционална култура која ги третира жените како субјекти на правда, а не како објекти на патерналистичка заштита, заклучува Бадаревски.
Покрај системската реакција, важна е и личната и поединечната одговорност да се реагира тогаш кога е нужно. Доколку секој маж реагира на насилство, го препознае и именува, автоматски ќе стане директен сојузник во негово намалување.
Во делот на правдата и актуелизација, потенцијалот е реален, затоа што мажите многу често имаат директен увид во однесувањата, ставовите и круговите во кои насилството се премолчува, оправдува или минимизира. Скоро секој маж познава човек кој на некаков начин извршил насилство, но ретко кој реагирал, смета Виктор Бучковски.
Освен прашање кое треба да се разбере како лична етичка должност, родовата еднаквост во пристапот до право и правда е и прашање на младите, на активизмот и на општество од иднината во какво што сакаат да живеат младите.
Начинот на кој младите денес зборуваат за правда и еднаквост ќе го обликува начинот на кој утре ќе функционираат институциите, политиките и секојдневните односи. Вистински промени можат да настанат само кога еднаквоста ќе се сфати како придобивка за сите, заклучува Кристина Плечиќ.
Улогата на медиумите исто така е клучна во унапредувањето на родовата еднаквост во пристапот до правда, начинот на кој медиумите известуваат за овие теми, ги приоретизираат и ги обработуваат е клучна во поставување на здрави демократски темели во кои сите, вклучително и жените ќе ги уживаат своите права и ќе им биде загарантирана еднаквост.
Повикување на одговорност и посочување со прст на сите оние кои направиле пропуст секогаш го користам и во моите новинарските текстови. Токму тоа е она што медиумите можат да го направат за да го унапредат пристапот до правда. Давањето простор на женскиот глас и женските искуства е од исклучително значење за менување на наративите во општеството и за градење на свеста за штетноста на родовата дискриминација, стереотипите и предрасудите, заклучува Марта Стевковска.
Родово чувствителен пристап и освестувањето на жените за позицијата во која се наоѓаат, а потем и факторизација на нивните удели и улоги во заедниците се важен дел од процесот на унапредувањето на родовата еднаквост во пристапот до право и правда.
Надминувањето на овие бариери бара родово чувствителен пристап, прилагодување на институционалните практики и зајакнување на системите за поддршка, со цел обезбедување еднаков и ефективен пристап до правда за жените, заклучува Маја Атанасова од Здружение на млади правници.
Родовата еднаквост во пристапот до право и правда не започнува ниту завршува во судницата, туку се гради низ секојдневието и во сите општествени сфери. Од институциите, преку граѓанските организации и медиумите, до секој поединец – одговорноста е заедничка и неизбежна.
Само преку функционални институции, активен граѓански сектор, одговорно новинарство и свесни граѓани може да се создаде систем кој нуди вистинска правичност. Инклузијата на младите и мажите, како и јакнењето на женскиот глас, се клучни за трајна промена. Општество кое обезбедува правда за сите е општество во кое младите ќе сакаат да останат и да ја градат својата иднина.
*Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman. Ставовите изнесени во овој текст се лични ставови на авторот и не секогаш ги одразуваат гледиштата на УНДП.



