„Виз Ер“ воведува нова линија Скопје – Салзбург по цени од 20 евра

Нискобуџетната авиокомпанија „Виз Ер“ најави проширување на својата понуда на летови од австрискиот град Салцбург, а една од дестинациите е и Меѓународниот аеродром во Скопје.

Според објавениот ред на летање, оваа авиолинија ќе започне од 3 јули. Летовите од Скопје кон Салзбург ќе бидат секој понеделник и петок, а почетната цена, како што може да се забележи на вебсајтот на „Виз Ер“, е 1.230 денари. Летовите од Салзбург за Скопје засега чинат нешто над 3.000 денари.

Авионот од Скопскиот аеродром ќе полетува во 18:50 часот, а летот трае 110 минути.

Како што е објавено, од јули, со новите линии на „Виз Ер“ од Салцбург, освен за Скопје, ќе може да се патува и до Ларнака, Киев, Букурешт, Белград и Тузла.

„Виз Ер“ најавува и дека во функција на заштита на здравјето на патниците и екипажот компанијата вовела нови протоколи според кои за време на летот и патниците и екипажот треба да носат маски на лицето, а екипажот треба да носи и ракавици. Исто така, авионите редовно се чистат со специјален антивирусен раствор и дополнително се дезинфицираат ноќе.

Скопскиот аеродром и понатаму е затворен за патнички летови и засега нема најава кога ќе биде отворен за сообраќај.