Вивиен Вествуд како канаринец во кафез за поддршка на Џулијан Асанж

Облечена во жолта канаринска облека, 79-годишната активистка и дизајнерка Вивиен Вествуд вчера влезе во еден огромен кафез за птици поставен пред судот Одл Бејли во Лондон, со што симболички и метафорично ја пренесе пораката „Ослободете го Џулијан Асанж“.

„Јас сум Џулијан Асанж! Јас сум канаринец во кафез“, порача Вествуд.

Жената која визуелно и дизајнерски го обликуваше панк движењето во 70-те години на минатиот век, во последниве месеци ја води кампањата за поддршка на Асанж, а пред тоа беше активна и на полето на климатските промени, тема која суптилно ја провлекува во своите модни шоуа, кревајќи ја свеста за проблемот на повисоко ниво.

Вествуд вчера се појави во улога на предводник на протестот на кој присутните повторно го реактуелизираа проблемот поврзан со главниот човек на „Викиликс“, кој неколку години мораше да остане затворен во еквадорската амбасада во главниот град на Британија, по што заврши зад решетки, очекувајќи екстрадиција во Америка.

Истата, поради корона вирусот, од мај е одложена за 7 септември, по што ќе се знае судбината на 49-годишниот Асанж. Тој преку својата мрежа објави стотици илјади доверливи документи, повикувајќи се на заштитата на Првиот амандман за слобода на говорот.

Американското министерство за правда минатиот месец најавило нови обвиненија против Асанж, кој сега се товари дека заедно со „Викиликс“ регрутира хакери и ги поттикнува да пронајдат доверливи информации кршејќи ги американските закони.

Адвокатите на Асанж ги отфрлаат овие обвиненија како политички мотивирани.

„Новинарите мора да продолжат да ја зборуваат вистината, и покрај притисокот врз нив од страна на високите државни инстанци“, поентираше активистката на вчерашниот собир.