Вицовите – единствена забавна страна на изборите

Нема партија која не лансирала виц за својот политички опонент. Вицовите засега се најприфатливото неконвенционално „оружје“ со кое противниците си ги одмеруваат мускулите, пишува Дојче Веле.

Вицовите - единствена забавна страна на изборите

На другата страна од изборниот медал, далеку од правилата пропишани со Изборниот законик, одлуките на ДИК и жестоките меѓупартиски пресметки, се одвива еден друг, многу порелаксиран процес. Во него нема правила и ограничувања, па „гласачките кутии“ се полнат многу порано од денот на гласањето. Кој ќе отпечати и уфрли повеќе „ливчиња“, зависи исклучиво од досетливоста и инспирацијата. Во таа битка најголема конкуренција на партиите им се „чаршијата“ и социјалните мрежи. Вицовите и од нивна и од партиска продукција и‘ даваат главен печат на забавната страна на изборите.

Нема партија која не лансирала виц за својот политички опонент. Ги има секакви – од примери на чист, изворен хумор, до такви кои се инспирирани од стеротипи и разни видови дискриминација. Но тие засега се најприфатливото неконвенционално „оружје“ со кое политичките опоненти си ги одмеруваат мускулите. Кои вицови си ги „пуштаат“ партиите едни на други? Од СДСМ посочуваат еден од нивните омилени вицови на сметка на ВМРО-ДПМНЕ.

„Отишол Груевски на изборен митинг во некое село и на патот сретнал старица натоварена со котлиња вода наполнети од далечниот извор, бидејќи селото немало водовод. Патот бил неасфалтиран, полн со камења и дупки, па старицата во еден момент се сопнала и паднала. Груевски веднаш притрчал и и‘ помогнал да застане на нозе. Ги земал котлињата и кога продолжиле по патот и рекол:

‘Бабичке, сега сум уште посигурен дека на изборите ќе гласате за нас!’

‘Зошто синко? Јас паднав, ама не сум удрена во главата, туку во само ногата!’“

И во ВМРО-ДПМНЕ располагаат со богат арсенал вицови, а од поглавјето „изборни“, го издвојуваат следниов:

„Отишол Заев на изборен митинг, обуен во чевли број 47. Партиските колеги зачудени го прашуваат: ‘Добро, Зоки, кој број чевли носиш ти?‘

‘42‘.

‘Па зошто сега носиш толку големи?‘

‘Па нели се договоривме на митингов да излеземе во што поголем број?‘“

Вицовите не подлежат на „аворско право“, па оние кои денес се раскажуваат за една партија, утре се прилагодени за друга, само со обично менување на имињата на актерите. Драматургот Братислав Димитров, кој е голем љубител и раскажувач на вицови, вели дека хуморот е исклучително важен.

„Само вицот е доказ дека сме живи. Останатите докази – играње домино, штипкање под мишка и политичка изборна кампања, се од формална природа. Изборите се празник за секој нормален човек. Тие се општествена катарза, а не причина за омраза кон сите што не мислат како нас. Ние сега вежбаме демократија и капитализам. Малку повеќе хумор и сатира ќе ја олесни и ќе ја забрза нашата аргатска вежба. Пресериозното сфаќање на себеси и на другите е најнесериозната работа што можеме да ја направиме. Затоа, сакајте ги своите непријатели, затоа што пријатели веќе немате“, порачува во шега Димитров.

Но, со вицовите и анегдотите мора да се биде внимателен.Но, со вицовите и анегдотите мора да се биде внимателен. Актерот Тони Михајловски, кој како водител на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ приреди и свој стенд-ап перформанс, поради доза на навреди со кој беше зачинет „хуморот“ на сметка на опозицијата, претрпе жестоки критики на социјалните мрежи.

Лошо помина и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, кој на партиски митинг на претходните парламентарни избори се пошегува со изјавата на стечаец дека „поради Црвенковски останал без работа и се развел“.

„Прашајте си ја сопругата дали навистина јас сум причината за разводот. И да сакам, не можам секаде да стигнам“, му реплицираше Црвенковски, но тој одговор го плати со добиени критики и изгубени гласови.

Казната за лош хумор не стигнува само во македонската практика. Неа ја почувствува и лидерот на Српската демократска странка, Борис Тадиќ, по вицот што го раскажа на изборна конвенција во 20126та. Објаснувањето дека му го раскажал еден европски претседал, не му помогна да го спаси одливот на гласови поради овој виц:

„Во Брисел спроведувале експерименти врз четири групи глувци во кафези. На едните им давале коњак, на другите виски, на третите вотка, а на четвртите – ракија – српска сливовица. Глодарите што пиеле коњак се опуштиле и почнале да пеат француски шансони, другите од вискито станале агресивни, третите од вотката станале рамнодушни, а глувците што пиеле ракија толку се охрабриле, што се доближиле до решетките и почнале да повикуваат: ‘мац, мац, мац…’“

Голем дел од неговите симпатизери го казнија на изборите затоа што ги споредил со глувци кои можат да се охрабрат само под дејство на алкохол. Во знак на протест, некои на гласачките ливчиња напишале „мац-мац“.

Целиот текст прочитајте го на Дојче Веле.