Вистиномер: Нема бесплатен превоз за млади невработени до 29 години

ВЕТУВАЊЕ: БЕСПЛАТЕН ЈАВЕН ТРАНСПОРТ

Ќе го субвенционираме јавниот транспорт за сите невработени млади лица до 29 години, заради нивна поголема мобилност, меѓу другото, и за активно барање работа.

[ИЗВОР: Предизборна програма на СДСМ „План за живот“, стр.129 , датум: декември 2016]

Ветувањето на  СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори (декември 2016 г.) дека младите невработени луѓе на возраст до 29 години ќе имаат субвенциониран јавен превоз досега (18.07.2018),  не е исполнето.

Ова изборно ветување на Социјалдемократскиот сојуз е содржано во нивната предизборна програма, во поглавјето наречено „Европска иднина и квалитетен живот“, поточно во подзаглавјето што носи наслов: „Изградба на клучните сфери во општеството по европски терк“.

Во темата: „Фокус на младите“ се поместени предвидените мерки за подобрување на статусот на младите во општеството, подредени во рубриката наречена „Нашиот план“. Тука се наведени 22 мерки со кои социјалдемократите предвиделе да им ги подобрат животните перспективи на младите во Република Македонија, при што дел од нив, како на пример, програмата наречена „Гаранција за млади“, се однесуваат на мерки за вработување на младите. Како една од мерките за олеснување на вработувањето беше ветена можноста за бесплатен јавен превоз за невработени лица до 29 годишна возраст со цел, како што стои во програмата, оваа мерка да овозможи нивна поголема мобилност, меѓу другото, и за активно барање работа.

Проверката што ја направи „Вистиномер“, а која се однесува на ова предизборно ветување на СДСМ го покажа следново: во Програмата на Владата на Република Македонија за период 2017-2020 постои поглавје под наслов: Поддршка за младите(стр.33), каде се наведени повеќе мерки за подобрување на животот на младите, но идејата за бесплатен јавен превоз за невработени лица до 29 години никаде не се споменува. Истото важи и за Оперативниот план на Министерството за труд и социјална политика за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 годинанаречен Шанса за сите, во кој, на страница 31, каде што се елаборираат предвидените активности и средства за нивна реализација, е елаборирана и програмата наречена „Гаранција за млади“, но меѓу мерките кои таа програма ги предивидува не е наведена можноста за субвенционирање на јавниот превоз за оваа категорија на граѓани. Оваа мерка не постои ниту во едниот од двата документа.

Проверката на содржините на медиумите го покажа истото – нема податоци дека оваа мерка е промовирана од страна на власта ниту на државно, ниту на ниво на некоја единица на локалната самоуправа. Притоа, мерки за повластено користење на јавниот превоз на град Скопје, како дел од програмата на локалната самоуправа, кои постојат повеќе години, се спроведуваат и во текот на 2018, но тие се однесуваат на други категории граѓани – лица со оштетен вид, лица со оштетен слух, лица со телесно оштетување, лица со интелектуална попреченост, бубрежно болни лица, како и инвалидите на трудот, инвалидски пензионери и воените инвалиди, но не и на млади невработени граѓани.

Поради ова, може да се оцени дека ветувањето за бесплатен јавен превоз за млади луѓе до 29 години со цел нивна поголема мобилност при наоѓање работа, дадено во : Предизборна програма на СДСМ „План за живот“не е исполнето.

Извор: Вистиномер