Вистиномер: Не е формиран фонд за животна средина

ВЕТУВАЊЕ: Ќе воспоставиме Фонд за животна средина, во кој директно ќе се слеваат средствата добиени од такси за животна средина. Секој таков денар ќе бидат наменет исклучиво за проекти за подобрување на квалитетот на животната средина, анализира Вистиномер.

[Извор: Изборна програма на СДСМ (2016) „План за живот во Македонија“ (стр.227) , датум: декември 2016] 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ не го исполни ветувањето дека ќе воспостави фонд за животна средина во кој директно ќе се слеваат парите од таксите за животна средина, дадено во својата предизборна програма за парламентарни избори 2016 година „План за живот во Македонија“. Ветувањето е поместено во делот од програмата „План 180° итни реформски приоритети на новата Влада во првите 6 месеци“, стр. 227.

Истовремено СДСМ вети дека парите собрани во овој фонд ќе бидат потрошени во проекти за подобрвање на квалитетот на животната средина.

И Владата во својата Програма за работа за периодот 2017 -2020 година на стр.49, најави дека ќе се формира Фонд за животна средина во делот од програмата наменет за заштита и унапредување на животната средина и природата.

Владата ќе формира Фонд за животна средина, како гаранција дека средствата добиени од такси за животнa средина, ќе бидат наменети за проекти за подобрување на квалитетот на медиумите во животната средина, а нема да се користат за комодитетот на администрацијата (службени патувања, плаќање телефони или опремање на кабинети на министрите).

Фонд за животна средина во изминатиот период заговараа еко-друштвата кои сметаат дека многу повеќе ќе се придонесе за подобрување на животната средина, кога парите уплатени на име животна средина преку најразлични такси ќе завршваат на посебна сметка, а не во централниот бџет, како што е моменталната состојба.

Целта на давачките од еколошките такси е нивно реинвестирање и затоа тие не треба да бидат во рамките на генералниот Буџет, туку треба да постои посебен Фонд за животна средина, (Александра Бујароска од еколошката организација „Фронт 21/42“ за Радио Слободна Европа)

Во ноември лани заедницата на еко-активисти „Скопје Смог Аларм“ побара Владата да  формира фонд за заштита на животната средина и да одвои околу еден процент од проектираниот БДП за 2018 година.

Заради катастрофалната еколошка состојба во Македонија сметаме дека Владата треба да одвои околу 1 процент од БДП во посебен Фонд за заштита на животната средина. Го повикуваме Министерството за животна средина итно да изготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства. ( „Скопје Смог Аларм“).

Во врска со ова ветување на СДСМ не може да се најдат информации дека Владата донела одлука за негово формирање. Нема информација ниту на сајтот на Министерството за животна средина дека се подготвува некаков закон или измена на закон во кои се предвидува формирање на Фонд за животна средина.

Дека Фонд не е воспоставен потврдуваат од Министерството за животна средина од каде што за „Вистиномер“ изјавија дека:

Сè уште немаме добиено никакво известување од Владата за формирање на фонд за животна средина за да преземеме соодветни активности за законски подготовки или подготовка на анализа“ (Сашо Секуловски, одговорен за односи со јавност).

Според горенаведеното може да се заклучи дека ветвањето на СДСМ дека ќе формира фонд за животна средина во првите шест месеци по изборот на Владата не е исполнето.

Извор: Вистиномер