Високите бројки на криминалот од омраза продолжуваат, Хелсиншки регистрирале 104 инциденти лани

Негативната „традиција“ бројот на пријавените злосторства од омраза вообичаено да надминува три цифри, од кои злосторствата на етничка и политичка основа се особено бројни, продолжил и во текот на пандемиската 2020 година, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права кои минатата година регистрирале вкупно 104 вакви инциденти.

Оваа бројка е пониска од претходните две години, кога биле забележани 159 злосторства од омраза во 2019 и 123 во 2018 година, но е повисока од периодот 2014-2017, кога просечно се регистрирале под 70 злосторства од омраза годишно.

„Инцидентите беа регистрирани веднаш по нивното пријавување од страна на медиумите или Министерството за внатрешни работи. Истовремено, 37 инциденти (36 %) беа потврдени, додека 67 (64 %) сè уште се непотврдени. Повеќето непотврдени случаи се поврзани со ситуации каде според другите индикатори постои основа за верување дека овие пристрасни инциденти се мотивирани од етничката припадност на жртвата. И покрај нашето барање за потврда на индикаторите, МВР сè уште не ги има потврдено овие злосторства/инциденти од омраз“, стои во новиот Годишен извештај за злостроствата од омраза.

Лани најмногу биле регистрирани злостроства според етничката основа (76 инциденти) и политичката определеност (12 инциденти). Во 5 злосторства од омраза целта биле мигранти или бегалци како резултат на нивниот статус, мотивот во 4 инциденти претставува различната националност, 3 инциденти се случиле како резултат на религиозни уверувања, 2 инциденти се мотивирани од сексуална ориентација, а по еден инцидент бил регистриран врз основа на интелектуална попреченост и родова основа.

Повеќето од наводните кривични дела вклучуваат: Насилство (66), Телесна и тешка телесна повреда (8), Предизвикување на национална, расна, верска омраза, раздор и нетрпеливост (8), Разбојничка кражба (7), Оштетување имот (5), Сериозна закана (4), Сквернавење симболи (3) и Загрозување безбедност (3).

„Жртвите и сторителите најчесто се млади лица и припадници на различни етнички заедници. Често се случува еден инцидент да ги исполнува критериумите за сомневање на постоење на две или повеќе кривични дела, па одовде бројот на кривични дела е поголем од бројот на инциденти. Повеќето инциденти се извршени како резултат на политичка определеност или политичко убедување каде жртвите не се луѓе, туку правни лица како резултат на фактот што мнозинството од овие инциденти се однесуваат на штета на имот и нанесување на материјална штета“, се додава во Извештајот.

Од Хелсиншкиот комитет за намалување на злосторствата од омраза препорачуваат навремени и ефективни истраги и покренување судски постапки против сторителите на вакви дела, олеснување на пријавувањето на овие злосторства, поддршка и заштита на жртвите, обуки за релевантните институции и повеќе превентивни мерки.

Целосниот Извештај може да го најдете на следниов ЛИНК.