Вирџинија донесе закон за забрана на мажење на 12-годишни девојчиња

Меѓу 2004 и 2013 година, околу 4500 деца под 18 години стапиле во брак во американската држава Вирџинија. Од девојчињата, повеќе од 200 од нив биле помлади од 15 години.

Минатата недела, властите на државата воведоа нова легислатива со која се обновени законите. Сега девојчињата на возраст од 12 години не смеат да стапат во брак, дури ни ако имаат родителска согласност или се бремени.

Промените, за кои активистите велат дека „ги донеле законите на Вирџинија во 21-виот век“, следуваат после долга борба на групите за човекови права, според кои оваа пракса се граничи со принуден брак, трговија со луѓе и силување во брак.

Според новиот закон, кој стапи на сила минатиот петок, минималната возраст за стапување во брак е 18, или 16 со дозвола од суд, пренесува Independent.

Тахирих правниот центар е дел од групите кои барале промена во законите. Неговите активисти велат дека претходниот закон овозможувал „скратен пат до брак“ за луѓе кои злоупотребуваат деца, и би побегнале од кривично гонење за педофилија преку стапување во брак со својата жртва.

„Се надеваме дека законодавците ќе ги видат напорите на Вирџинија како повик за будење за тоа како нивните закони можат да им помагаат на принудните бракови со деца“, вели Џин Смут, советник за политика и стратегија на Тахирих.

Кога децата стапуваат во брак, вели Смут, имаат 50 проценти помала шанса да завршат средно училиште, четири пати помала веројатност да одат на факултет, и постои голема можност да имаат деца порано и на помали временски интервали од луѓето кои стапуваат во брак кога се веќе возрасни.