Викториините водопади исчезнуваат по најлошата суша во последниот век

Една од најголемите туристички атракции во јужниот дел од Африка, Викториините водопади, се на рекордно ниско ниво со вода по сушната сезона што предизвикува стравувања од последиците од климатските промени.

Водопадите, кои се наоѓаат на границата на Зимбабве и Замбија, вообичаено го намалуваат количеството на вода во текот на сезоната на суша, но надлежните велат дека оваа година тоа намалување е на загрижувачко ниво.

„Претходните години, кога е суша, не се намалувала водата до ова ниво. Ова е прв пат да гледаме нешто вакво“, вели Доминик Нјамбе, продавач на туристички сувенири кој има продавница во близина на водопадите.

На сликите е прикажан вообичаениот проток на вода низ водопадите (горе) и протокот на вода во моменталната суша / ФОТО: Ројтерс

Додека светските лидери се собираат во Мадрид на Конференцијата за климатски промени каде ќе разговараат за начините на кои може да се намали катастрофалното затоплување кое е предизвикано од стакленичките гасови, јужните делови на Африка веќе се соочуваат со најстрашните последици – недостаток на вода и околу 45 милиони луѓе на кои им се неопходни помош во храна поради проблеми во земјоделието.

Зимбабве и Замбија имале чести рестрикции на струја, поради тоа што се многу зависни од хидроцентралите на браната Кариба, која се наоѓа на реката Замбези над водопадите.

Според податоците на властите, нивото на вода е најниско од 1995 година и е далеку под просекот.