Википедија на македонски јазик организира натпревар за средношколци во уредување статии

Википедија на македонски јазик и здружението на граѓани „Споделено знаење“, „ГЛАМ Македонија“ организираат натпревар на тема „Потребни статии“.

Учесниците треба да уредуваат статии, кои се потребни на Википедија на македонски јазик, односно се врски во статии и недостигаат на Википедија на македонски јазик.

„Сите статии треба да бидат напишани во склад со начелата и правилата на Википедија, па така сите статии треба да бидат напишани на енциклопедиски стил и да имаат извори. При уредување на натпреварот или по завршувањето на истиот, сите учесници треба да се запишат со кои статии учествувале“, појаснуваат организаторите.

Право на учество на натпреварот имаат исклучиво ученици на возраст од 15 до 18 години.

„Пред да уредувате, погледајте ги напомените во „Материјали“ подолу со цел да знаете за кои статии треба да пишувате“, посочуваат организаторите.

Натпреварот е започнат и ќе трае до 15 мај 2020 г. во 23:59 ч. по македонско време.

За учество потребно е пријавување на следниот ЛИНК.

Статиите ќе ги прегледува жири, кое ќе биде составено од четворица „википедијанци“. Жирито ќе ја донесе конечната одлука за победникот.

Членовите на жирито ќе ги прегледаат сите статии и секоја ќе ја бодуваат поединечно со бодови од 1 до 10.

Член на жирито може да даде и оцена 0 доколку смета дека статијата воопшто не ги задоволува условите на натпреварот (на пример, ако е помала од 5.000 бајти или ако е со помалку од 5 реченици, или да е напишана со машински превод кој е неразбирлив). На натпреварот не се признаваат статии напишани автоматски, односно со помош на бот.

Покрај пишувањето на нови статии, учесниците имаа прилика и значајно да прошират постоечка статија (никулец), така што жирито ќе оценува колкав е новиот дел и бодовите ќе бидат доделени за тој дел.

Победникот на натпреварот ќе биде учесникот кој ќе собере најмногу бодови. За најдобрите учесници се обезбедени награди.

Подетални информации за натпреварот може да се прочитаат на следниот ЛИНК.