„Викиликс“ објави 300 000 мејлови на турската влада, Ердоган го блокираше пристапот до страницата

И покрај хакерскиот напад, „Викиликс“ објави над 300 000 мејлови од внатрешниот сервер на турската владејачка партија АКП и илјадници прикачени датотеки како одговор на масовната чистка по обидот за воен удар.

„Ние го утврдивме материјалот и изворот, кои не се поврзани, на ниту еден начин, со елементите зад обидот за пуч, или со опозициска политичка партија, или држава“, се вели на страницата на „Викиликс“.

Сите мејлови се припишуваат на „akparti.org.tr”, примарниот домеин од најголемата политичка сила во државата, и го опфаќаат периодот помеѓу 2010 година до 6 јули 2016 година, само една недела пред неуспешниот воен удар.

Но, по неколку часа по објавувањето на мејловите „Викиликс“ соопшти дека турските власти ја блокирале нивната веб-страница. Блокирањето на пристапот го отпочна турската агенција за надзор на интернет комуникацијата – Одборот за комуникација.

Во меѓувреме, продолжува масовната чистка во приватниот и државниот сектор во Турција. Откако вчера 21 000 наставници беа прогласени за работонеспособни, а 1 577 декани и професори на државни и приватни факултети беа отпуштени, денеска турскиот образовен Одбор јави дека на сите академци им е забрането да патуваат.