Викиликс: Обединетите Нации во петок ќе одлучат дали Асанж ќе биде слободен

Специјалната работна група на Обединетите Нации, која одлучува во случајот на Џулијан Асанж против Шведска и Велика Британија, овој петок (5 февруари) ќе соопшти дали основачот на Викиликс е незаконски лишен од слободата на движење, објави Викиликс.

Пред една и пол година, Асанж, кој од 2012 живее во амбасадата на Еквадор во Лондон, се пожали до Обединетите Нации за третманот од Велика Британија и Шведска, земји кои сакаат да го уапсат. Работната група за арбитрарно задржување постои од 1991 година и нејзината задача е да испитува дали земјите-членки на ОН се придржуваат до меѓународните договори кои ги потпишале.

Доколку работната група одлучи дека Асанж е неправедно и незаконски задржан, таа може да им наложи на Велика Британија и Шведска да престанат да го гонат и да му исплатат отштета. Ваква одлука претходно е донесена во случајот со куќниот притвор на бурманската политичарка Аунг Сан Су Ќи, во 2007 година, по што таа беше ослободена, три години подоцна.