Викилига – нов уредувачки потфат на теми за германскиот филм

На 20 април, започнува вториот настан од пролетниот уредувачки проект Викилига, во заедничка организација на Википедија на македонски јазик со Гете-институт Скопје.

По успешниот прв настан посветен на теми од германската книжевност каде веќе се создадоа педесетина нови енциклопедиски статии, овој пат темите ќе бидат од областа на германскиот филм и кинематографија. Настанот кој ќе се одржи во НУБ „Св. Климент Охридски“, започнува со работилница за обука за уредување на Википедија, а потоа продолжува со неколку часовно создавање, уредување и превод на енциклопедиски статии на зададената тема.

Учеството на овој уредувачки потфат од кој остануваат уште 2 настани посветени на германската музика и културно наследство, е бесплатно, а секој заинтересиран поединец може да го пополни прашалникот за пријавување за учество.

Придонесите на сите учесници се бодуваат и на крајот на уредувачкиот потфат во јуни учесниците со најдобар учинок ќе бидат наградени со вредни награди, најавуваат од Википедија на македонски јазик.