„ВикиГап“ – уредувачки маратон за внесување содржини за значајни жени на македонската Википедија

На 15 ноември ќе се организира четвртото издание на „ВикиГап“ – уредувачки маратон, во чии рамки ќе се внесуваат содржини за познати и значајни жени на македонската Википедија.

И овој пат, заради пандемијата на Ковид-19, настанот ќе се одржи целосно онлајн. Активностите ќе бидат  поделени во три дела: Тричасовен уредувачки маратон на 15 ноември; „ВикиГап“ натпреварувачка уредувачка недела од 16-22 ноември; и Вики клубовите во основните и средните училишта кои во текот на месец ноември ќе работат на тема „Запознајте ја Шведска“ со акцент на природата, биоразновидноста и заштитата на животната средина.

Покровители на настанот се Амбасадата на Шведска заедно со канцеларијата на UN Women во Скопје и Споделено знаење – Викимедија Македонија (Википедија на македонски јазик), во партнерство со организации од областа на граѓанскиот и женскиот активизам, од областа на заштитата на животната средина, независни експерти, и академската сфера.

Минатите три години уредувачкиот маратон обедини многу нови уреднички и уредници на Википедија кои здружено работеа на подобрување на теми и содржини во функција на унапредување на родовата еднаквост и застапеноста на жените во онлајн светот. Тематски, минатите три изданија на ВикиГап беа сконцентрирани на значајни жени од Македонија и од светот кои во минатото и денес придонеле и придонесуваат кон човековите права и демократијата, а во 2020 со акцент на жените и нивните придонеси на полето на медицината и унапредувањето на здравјето.

„Соочени со климатските промени и потребата за „позелени“ и поодржливи начини на живот, одлучивме овогодинешното издание на ВикиГап да стави акцент, на значајни жени од Македонија и од светот кои придонесле, и се уште придонесуваат на полето на заштитата на животната средина, борбата со климатските промени и заштитата на биоразновидноста“, стои во најавата за настанот.