Викендов три слободни концерти на „Денови на македонска музика 2015“

Во рамки на фестивалот „Денови на македонска музика 2015“ викендов во Музејот на град Скопје ќе се одржат три концерти, со слободен влез за посетителите.

Во сабота на 4 април, со почеток во 18:00 часот, концерт ќе одржи Мандолинскиот оркестар „Скопје” под диригенство на Рамадан Шукри. На програмата се дела од Стојан Стојков, Љубомир Бранѓолица, Стојче Тошевски, Тодор Трајчевски и Филип Иванов.

Истиот ден со почеток во 20:00 часот е најавен концертот на Дувачкото трио „Aventure” од Германија. На програмата се дела од композиторите Габриел Маланциоиу, Макс Келер, Михаел Куел и од македонските автори Симона Симуноска, Вања Николовски-Ѓумар и Томислав Зографски.

Во недела во Музеј на град Скопје со почеток во 20:00 часот Концерт ќе одржи Камерниот оркестар на Битола под диригентство на Жолт Наѓ од Унгарија. Како солисти ќе настапат пијанистката Ана Гацева и саксофонистот Нинослав Димов. Ансамблот ќе изведе премиери на пет македонски дела на автори од помладата генерација: Михаило Трандафиловски, Александар Пејовски, Сони Петровски, Дамјан Темков и Никола Крстевски, кои беа наградени на последниот конкурс за нарачка на нови музички дела.

Денеска пак, на втората вечер на фестивалот, со почеток во 20 часот, концерт ќе одржи ансамблот за современа музика ConTempora. Како гости на концертот ќе настапат членовите на германскиот ансамбл Aventure. На програмата се дела од Дарија Андовска, Гоце Коларовски, Валентина Велковска-Трајановска, Ана Пандевска, Јана Андреевска, Кокан Димушевски и Михаило Трандафиловски. Со ансамблот ќе диригира Сашо Татарчевски.