Викендов ќе се одржи Галичката свадба, вечерва е најавен концерт

Викендов во Галичник ќе се одржи 45. Галичка свадба, а вечерва, на платото пред чешмата Упија од 22 часот е најавен концерт на Влатко Стефановски, оперската певица Весна Ѓиновска-Илкова и групите „Тоа е тоа“ и „Бенд офф“, со што ќе почне Галичкото културно лето.

Во преубавиот амбиент на селото Галичник на Бистра планина, утре со поставување на свадбарското знаме ќе почне 45. издание на Галичката свадба, една од најспектакуларните културни манифестации во земјата.

Младенци на годинашната манифестација се Тања Лепческа и Златко Димовски. Дваесет и девет годишната Лепческа, која има потркло од овој регион, изјави дека е особено среќна што е избрана за невеста, затоа што и самата учествувала во оваа манифестација од својата петта година и ја смета за најавтентична и најтрадиционална свадба на сите простори.

 

Свадбарските обичаи ќе започнат утре наутро со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да“ младенците ќе го кажат во недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“.

Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови. На манифестцијата ќе учествуваат околу 100 статисти облечени во автентични галички носии, КУД со околу 30 учесници, коњица и коњи со техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе.