Четири претстави на три локации – Драмски театар, Младински културен центар и Кино Култура за викендов се најаваени во рамки наовогодишното 43-то издание на меѓународниот театарски фестивал, Млад отворен театар (МОТ).
Првата претстава за вечерва (сабота, 22 септември) на МОТ е „Гробница за Борис Давидович“ на Данило Киш во продукција на Новосадско позориште, a во режија на Александар Поповски која беше прогласена за најдобра во Унгарија од Здружението на унгарски критичари, а во конкуренција на 130 претстави. Претставата се игра во кино Фросина со почеток во 20 часот. Таа е најнеобичниот Киш што некогаш е изведен на сцената во Србија.
„И револуцијата повеќе нема да ги јаде своите деца, само со ред ќе ги раѓа, како што би кажал авторот, „расчеречени“ над гроб, затоа се потребни нови и нови гробови, и душата плаче ако ги нема, затоа што веќе нема за што да се борат, се истоштуваат нозете, уморно висат наоружани раце, и не се ори песна, само се слуша гракање на врани, на славниот гроб на револуцијата“.
Втората претстава за сабота „Странци“ ќе се одигра во Драмски театар со почеток во 22 часот. Во рамки на придружната програма следува прослава на проектот Гледај.мк, од 18 часот во Џебно кино. Проектот се појави од потребата за разбранување на културната сцена и поттикнување на критичкото гледање на филмот и театарот. По претставите следува Ди Џеј сет на Дарко Марковски.
Неделната програма започнува во Денсинг салата на МКЦ со претставата „Го убивме шугавото куче“ во продукција на Компанија Жоао Гарсија.
Втората претстава за вечерта – „Неподносливиот бескрај“ започнува во 22 часот во Кино Култура. Летото 2017 година, театарскиот и филмски режисер Франц фон Стролхен патува низ поранешната „Балканска рута“ за бегалците, од Грција преку Македонија, Србија и Унгарија, сè до Виена – во време на таканареченaта „река од бегалци“, каде што ја набљудува и гледа оваа рута од сосема друга перспектива. Фон Стролхен, заедно со филмска екипа, развива сценарио за фиктивен филм, чие дејство се одвива на пат, каде што три млади жени патуваат во напуштена и комплетено запустена Европа.
Сценариото на Фон Стролхен е стартна точка за театарски перформанс каде што документарното и фикцијата стануваат неодделиви. Резултатот е хипнотизирачки и длабок перформанс меѓу филм и театар, приказна помеѓу интернационална филмска екипа и три главни актерки од Македонија, Унгарија и Германија – некаде помеѓу Европа и Холивуд. Ова поетско и филозофско патување низ Европа и нејзините жители ни кажува како границите се формираат и исчезнуваат, како се креираат идентитетите и се претопуваат едни во други.
По претставите следува диџеј сет на Виолета Качакова.