„Викенд на гордоста Скопје“ од 7 до 10 јуни со тема „Настрано. Политичко.“

Шестиот „Викенд на гордоста Скопје 2018“ ќе се одржува од 7 до 10 јуни, овој пат со носечка идеја „НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО“.

Организатори се Коалиција Маргини и ЛГБТИ Центар за поддршка, кои велат дека со носечката идеја, од една страна, сакаат да ги истражат и проблематизираат многустраните начини на кои хегемониските имагинации за родот и сексуалноста се вкоренети во главните политички поими.

„Од друга страна, НАСТРАНО. ПОЛИТИЧКО. стреми да го превредни фигуративниот статус на ‘настраноста’ во рамки на доминантните културно-политички простори – настраноста како радикална разлика, како отфрлените форми на живот, како пркос кон сите идентитетски рамки, како ексцесивност во однос на сите калапи на нормализација, како сопка за ‘репродуктивниот футуризам’ – и во истата да препознае актуелизација на самата невозможност за тоталитарното затворање на живеењето и на културно-политичката заедница“, соопштуваат организаторите.

Промо настан „Срамота! Вечер на раскажување квир приказни“ ќе се одржува на 1 јуни (петок) во Кино Култура, додека официјалната програма започнува на 7 јуни (четврток) во Музеј на современа уметност (МСУ) со изложба на фотографии – „CORPUS QUEER: тела на отпор 1980-2018“ на Дел Лагрејс Волкено.

„Волкено е фотографски визуелен уметник чии дела настојуваат да ги нарушат и проблематизираат општествено-културните бинарности преку телесното задоволство и политичката провокација како примарни стратегии на отпор“, се вели во најавата за настанот, каде ќе има и диџеј сет на Хада Блам.

Наредниот ден во Кино Култура од 21 часот е резервиран за „Кончерто“ на Иво Димчев (И-ВО). Се работи за кореограф, визуелен уметник, кант-автор од Бугарија, во чиј репертоар ќе бидат вклучени негови највпечатливи дела, издвоени од контекстот на перформанси и изведени како индивидуални дела.

„Неговиот извонреден вокал ја истакнува мрачната поезија во неговите стихови, со што публиката се здобива со незаборавно и навистина трогателно искуство“.

За 9 јуни (сабота) од 13 часот во МСУ е најавена проекција на филмот „Жената лубеница“ на Шерил Дунје. Истата а вечерта во МКЦ ќе се одржува настан со „Дијамант“, односно „тегобно и пријатно патување низ ЛГБТ еманципацијата, почнувајќи од 1957 година до денешните настани преку возбудливата биографија на Дејвид Хојл“.

„Неверојатно авангардно театарско дело, Дајмонд плови низ трансформацијата на геј контра-културите, квир родот и сексуалноста, и британските општествени ставови. Ќе им се допадне на сите што веруваат во борбата за еднаквост“, се вели во настанот.

Ноќта гостување ќе има и „The LipSinkers“  – дрег театарска трупа која изведува мимика на познати поп песни.

„Викенд на гордоста Скопје 2018“ ќе биде заокружен со три настани. Најпрво, МСУ od 13 часот ќе биде домаќин на предавањето на Дел Лагрејс Волкено, за потоа од 20:30 часот во Кино Култура да се одржи настап на познатиот транс уметник и изведувач Травис Алабанза со дело од неговата прва збирка поезија „Before I Step Outside (you love me)“.

„Создаден во јавен превоз, перформансот (во кој се соединуваат звуци, поезија, театар и проекции) го секцира и отвора прашањето што значи да постоиш како транс личност надвор“, велат организаторите.

Финалето на Викендот ќе биде исто така во Кино Култура. Од 22 часот стартува настан со диџеј сет на Соња Сајзор – трансфеминистка, организаторка на настани, кант-авторка, уметничка директорка и мултидисциплинарен визуелен уметник. Посетителите ќе имаат можност да присуствуваат и на дрег шоу на Хаус на К.Г. (КејЏи), но и дрег кралицата Острога Ми – комбинација од традиционално патријархално христијанство и циганска магија.

„Таа е домаќинка и гатачка на прво место, а потоа сѐ друго, постојано го бара вистинскиот маж на кој ќе му роди синови. Острога е магична циганска кралица и може да ти ја прочита иднината побргу отколку што ќе те прочита тебе“, соопштуваат организаторите.

Инаку, „Скопскиот викенд на гордоста 2018“ се реализира со поддршка на Heinrich-Böll-Stiftung, Фондација Отворено општество – Македонија, Министерство за култура, Европската унија и Civica Mobilitas.