Виенскиот новогодишен концерт ќе се одржи, но без публика

Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија годинава ќе се одржи без публика. Поради актуелните мерки за заштита од Ковид-19 и третиот карантин кој е во тек во Австрија, организаторите најдоа решение што ќе овозможи барем да му се оддаде почит на оркестарот преку видео пренос од изведбата и проследување аплаузи од слушателите од нивните домови.

Ова е првпат од 1939 година големата сала да остане празна. Нормално, околу 50 000 луѓе аплицираат за билети за годишниот концерт. Сепак, оркестарот ќе добие поддршка од публиката од далечина. Седум илјади луѓе од 90 земји се регистрирале за да вршат аудио пренос додека аплаудираат од своите домови.

„Треба да имаме надеж“, вели италијанскиот диригент Рикардо Мути, кој ќе го води концертот по шести пат.

Овој концерт, кој ги вклучува валцерите и полките од виенскиот композитор Јохан Штраус јуниор стана симбол на Австрија и културната важност на нејзиниот главен град.

„Музиката што ја свириме нè воздигне низ толку многу кризи“, рече Даниел Фрошауер, првиот виолинист на филхармонијата.

Австрискиот национален ТВ сервис ОРФ во живо ќе го пренесува концертот со почеток во 11:15 по средноевропско време.