Скопје се најде 161-то место од 231 светски град според квалитетот на живот, според традиционалното истражување на американската компанија за консалтинг – Мерсер, со што е меѓу најлошо рангираните градови од балканскиот регион.
Во нашето окружување, најдобро рангирана е Љубљана (76-то место), следуваат Атина (87), Загреб (98), Софија (116), Истанбул (133), Белград (138) и Сараево (159), додека од Скопје полошо позиционирана е само Тирана (176-то место).
Најдобар град за живот, осма година по ред, е австрискиот главен град Виена. Во првите пет се уште и Цирих, Оукленд, Минхен и Ванкувер.
Според истражувањето, најлошите пет светски градови за живот се Багдат (Ирак), Бангуи (Централноафриканска Република), Сана (Јемен), Порт о Принс (Хаити) и Картум (Судан).
Ова е 19-та година како американската компанија го ја објавува листата на квалитет на живот и ја посочуваат инфраструктурата како клучна одредница за подобар квалитет на живот во градовите
„Градовите кои се високо рангирани во градската инфраструктура обезбедуваат комбинација на најдобри локални и меѓународни аеродромски објекти, проширена достапност преку патната мрежа и иновативни решенија како смарт технологија и алтернативна енергија. Повеќето градови сега ги усогласуваат разновидноста, сигурноста, технологијата и одржливоста кога ја дизајнираат инфраструктурата за иднината“, објаснува Слагин Паракатил од Мерсер, задолжен за истражувањето на квалитетот на живот.
Компанијата Мерсер ги оценува локалните услови за живот преку анализа на 39 фактори групирани во 10 категории: политичко, општествено, економско и социо-културно окружување, здравствени и образовни услуги, инфраструктура, рекреација, потрошувачка, домување и природната средина.