„Види го детето, не попреченоста“ – нов документ за заштита деца со посебни потреби

Во рамки на кампањата „Биди фер за детство без пречки“ на УНИЦЕФ, денес беше промовирана македонската верзија на документот „Меѓународна класификација на функционирање“.

На промоцијата беа присутни претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, претставници на невладини организации и многубројни граѓани, премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Претставникот на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс, истакна дека во Македонија има околу 21.500 деца кои имаат некаква попреченост, од кои околу третина од нив не посетуваат училиште. Тоа, како што истакна Перкс, го нарушува нивното право на игра, градење релации, развивање на својот идентитет и остварување на потенцијалот.

„Најлошото е тоа што во руралните средини децата се скриени од заедницата поради срам и стигма, или пак остануваат осамени во институциите, како во Демир Капија, каде што не добиваат љубов и внимание, за кои со сигурност знаеме дека се најпотребни на секое дете. Ќе ја продолжиме нашата работа со Владата, граѓанскиот сектор и медиумите, за да бидеме сигурни дека не постои ќоше во земјата од Дебар до Делчево, од Куманово до Гевгелија и насекаде помеѓу, каде што децата со попреченост остануваат невидливи, а за нивната ситуација не се зборува. За да ја подобриме состојбата на децата со попреченост, неопходни се итни реформи. Мора да го гарантираме правото на секое дете да учи, неопходна е поддршка од семејствата и неопходна ни е соодветна класификација на способностите и капацитетите на секое дете“, рече Перкс.

Меѓународниот експерт Андреас Мартинуци истакна дека МКФ е начин на гледање на функционалноста и попреченоста во согласност со конвенцијата на Обединетите нации.

Со МКФ, сите луѓе се гледаат на иста основа, овозможувајќи нивните капацитети и потенцијали да се споредуваат, и тоа во однос на сродното функционирање, преку една заедничка рамка. МКФ ги почитува правата на секоја личност и активно избегнува етикетирање, стигматизација и дискриминација.

„Владата на Република Македонија развива инклузивно општетство на граѓани со еднакви услови за живот. Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно, затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот“, изјави премиерот Заев.

Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика, премиерот изјави дека веќе работат на формирање на две пилот комисии за функционална проценка на децата со попречености. Најави и дека од следната година овие комисии ќе работат во два региони во земјата.

Започнат е и процес на деинституционализација, и наместо големи институции што згрижуваат по 100-тина деца, ќе се формираат мали групни домови со по 5 деца кои ќе добиваат стручна социјална и здравствена поддршка и за оваа мерка се предвидени средства во буџетот за 2018 година.