Видеоомаж за Игор Исаковски во Кинотека на Македонија

Утре и задутре (12 и 13 февруари) со почеток во 20 часот во Кинотека на Македонија ќе биде прикажан 16-минутниот документарно-поетски видеоомаж „Брод тргнат кон немерливото“, во режија и според сценарио на Сашо Димоски. Станува збор за посвета на Игор Исаковски, поетот, кој ненадејно почина на 44-годишна возраст минатата година.

Зад себе остави шеснаесет издадени книги, од кои десет се збирки поезија. Тој е и основач на културната институција и издавачка куќа „Блесок“, која потоа го издава истоименото електронското списание, едно од најстарите електронски списанија за култура во Европа.

Во филмот учествуваат самиот Игор, Тони Димков, Јовица Ивановски, Тихомир Јанчовски и Елизабета Баковска. Музичката илустрација е на Горан Трајкоски.

Веднаш по него, и двата дена, ќе има проекција на Everything Will Be Fine (2015) од Вим Вендерс. Филмот внимателно и прецизно ја раскажува приказната за вината и потрагата по прошка и за фактот дека не лечи времето, туку храброста да се соочиме со нештата и да си простиме. Улогите ги толкуваат: Рејчел Мекадамс, Џејмс Франко, Шарлота Гeнзбур, Питер Стормаре, Мари-Жозе Крозе, Патрик Баухау, Роберт Најлор.