Видеоиграта „Twin Drifters“ победи на годинешниот Global Game Jam Македонија

Видеоиграта „Twin Drifters“ победи на деветтото издание на Global Game Jam Македонија. Тематата годинава беше „Изгубено и најдено“, а се одржуваше онлајн, при што учествуваа 20-тина тимови.

„Twin Drifters“ ја понесе наградата и за игра со најдобра 2Д уметност. Во нејзиното создавање учествуваa артистите Лорета и Томе Стефановски, како и тројцата програмери Мартина Витанова, Александар Тренчевски и Бодан Мојсиловиќ.

Се работи за platformer/side scroller игра, во која на почетокот главниот карактер е одделен од својата сенка и ја има изгубено меморијата.

„Во главното ниво, карактерот е поделен на два дела, односно неговата сенка е во таканаречен ‘shadow world’. За да го помине нивото, играчот мора да ги игра наизменично со двата карактери и да внимава на растојанието помеѓу нив (ако растојанието меѓу нив е преголемо или ако падне во маглата играта се рестартира). Низ играта се собираат scrolls кои ти кажуваат делови од твоето минато и ти ја враќаат меморијата“, објаснува Лорета Стефановска за Радио МОФ.

„Играта е демо верзија и планираме понатаму да ја разработиме уште повеќе. Како дебитанти, оваа награда ни даде поттик за да продолжиме да развиваме и со надеж да ја издадеме на некоја гејминг платформа“, додава таа.

Global Game Jam е настан кој се организира еднаш годишно во повеќе држави, меѓу кои и Северна Македонија. На него се натпреваруваат тимови кои креираат и развиваат видеоигри во рок од 4 дена. Годинава се одржа онлајн од 27-ми до 31-ви јануари.