[Видео] „Зошто не јас?” – успешни приказни за градење кариера во Македонија

Документарниот филм „Зошто не јас?” претставува шест млади луѓе кои ги раскажуваат своите успешни приказни за градењето кариера во Македонија. Дел од нив, своето образование го стекнале надвор од земјата и потоа се вратиле во Македонија да создадат своја компанија, додека останатите решиле да се обидат да направат нешто свое со образованието и знаењето кое го стекнале во земјава. Сите тие имаат меѓу 20-30 години и во својата област работат неколку години.

Своите приказни во филмот ги споделија: Илина Нешиќ од Балканската мрежа за развој на граѓанското општество, Дамјан Дано основач на компанијата IWM Network, Артон Лена од Еурохаус А.Д, Ненад Антониевиќ претприемач од Денеса Тобако, како и Илир Сабриу и Алтрим Асани основачи на Unixi group.

Младиинфо

Ова е првиот документарен филм во продукција на Младиинфо (www.mladiinfo.eu), иницијатива која континуирано работи на создавањето платформа каде што младите од Македонија, регионот, Европа и светот може да најдат можности за бесплатно образование и професионален развој. Продукцијата на филмот беше поддржана од програмата за мали грантови на Амбасадата на САД во Македонија.