[Видео] Железничка станица во Скопје е претворена во руина

[Видео]Железничка станица во Скопје стана руинаИскршени столчиња, ишарани ѕидови, тоалети што се распаѓаат. Грда е сликата на „новата“ железничка станица, некогаш гордост на градот Скопје. Наместо река од луѓе кои брзаат кон пероните, морничавата тишина владее уште од самиот влез на станицата.

Некогаш белите ѕидови сега се сиви, плочките се искршени, времето е застанато во минатиот век. Горе на пероните, едвај опстојуваат неколку искршени клупи на кои стои марката „Словенија шпорт – опрема “.

Од неколкуте билетарници, работи само една. 10 денари се плаќаaт за тоалет кој лесно може да се пронајде поради смрдеата што се шири од него. Скопјани коментираат: некогаш имаа со што да се пофалат, добијаа супермодерен објект единствен во Југославија. Сега, велат тие, страшно е она што се случува со железничката станица во Скопје.

Најави за нејзино реновирање има. Треба да се направи проект , станицата според плановите ќе мора да стане пристапна за инвалидизираните лица, лифтовите ќе треба да проработат, ќе се поправа и осветлувањето, а треба да се интервенира и кај пероните. Сепак, засега на терен не се почнати никакви активности.

Новата железничка станица во Скопје е пуштена во употреба на 27 јули 1981 година. Од тогаш, па се до денеска, не е направена никаква поголема интервенција на објектот.

Сунаи Сабриоски