[Видео] Започна музичкото патување низ светот со „ОФФ фест“

Mузичките виртуози, велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора мајстор Секу Кеита, синоќа го започнаа музичкото патување низ светот, како дел од овогодинешното издание на „ОФФ фест“.

Тргнаа од Македонската опера и балет, па наизменично прелетуваа над пејзажите и луѓето во Велс и Сенегал, раскажувајќи приказни од двете земји. Дел хумористични, дел несреќни.

Ја раскажаа приказната за орелот-рибар кој долги години не се појавувал во Велс, но од неодамна се вратил од топлите краишта во Сенегал. Птицата им послужила и како инспирација за да создадат албум, но во истовреме е аналогија на денешната миграција. Научивме и дека „терангаба“ е збор кој значи „големо гостопримство“, но и за потеклото на инструментот кора.

„Мислевме дека ќе биде огомен предизвик да свириме класична музика на кора, но сметавме дека би било добро да го направиме тоа. Мислам оти Бах нема да има ништо против“, се пошегува Катрин.

Во текот на нивниот настап тие раскажуваа случки од своите краишта преку нивната музика. Секу ја раскажа приказната за островот Горе и француската инвазија од 1677 – годината по која именувале и една од своите песни. Катрин, пак, се осврна на случка во нејзиниот роден Велс, кога пред повеќе од 50 години властите решиле да го потопат селото Капел Келин за да обезбедат вода што ќе ја користат луѓето од Ливерпул. Овој настан предизвикал лутина низ целата земја. Околу 70 жители ги изгубиле своите домови за да се создаде езерото.

„Никогаш нема да го заборавиме Капел Келин“, повторуваше Кетрин за време на изведбата на песната посветена токму на овој настан.

Од дуото иако не го познаваа доволно македонскиот јазик, покрај скромното „фала“ кое Секу го повторуваше одново и одново после секој силен аплуаз, тие знаеја како да комуницираат со публиката и да ја пренесат нивната енергија.

Следна станица од нашето музичко искуство беше Њујорк, па до Битола – со долгоочекуваниот Крсте Роџевски. Придружен со млади и талентирани џезери од градот во кој тој живее веќе 20 години, Крсте за првпат настапи пред публиката на „ОФФ фест“. Текстот на неговата музика и релаксирачкиот призвук ја присвои публиката.

Она што е заедничко за сите изведувачи е всушност копнежот по слободата и борбата за сите видови човекови права, речи Оливер Белопета, организатор на фестивалот.

„…Со една крајна цел, која ја има и ОФФ фест – да и ние Македонците полека се приклучиме и станеме дел од најширокото семејство народи на светот“, додаде тој.

Концертите продолжуваат до сабота.

Вечерва забавата се префрла во Денсинг салата на Младинскиот културен центар, каде во 21 часот по вторпат ќе настапува Басеку Кујате од Мали и неговиот бенд „Нгони ба“. Претходно, од 19 часот во кино Фросина ќе се прикажува документарниот филм „Мали блуз“, посветен на четворица музичари од Мали, меѓу кои и Кујате.

Е.П.