[Видео] Започна седмата Летна МОФ академија на Попова Шапка

По седми пат, Младински образовен форум со Летна МОФ академија го одбележува крајот на летото и почетокот на новата учебна година. Осумдесетина средношколци годинава се дел од aкадемијата што се одржува на Попова Шапка од 18 до 23 август, каде имаат можност да се запознаат со начините за активно вклучување во својата средина.

Како што појаснува Петар Антевски, координатoр на Летната aкадемија, целта е да се подигне свеста кај младите за нивното учество на локално и национално нива, но и од нив да направи активни граѓани во својата заедница.

„И јас почнав на Летната академија како учесник. Од неа секогаш сум се враќал со многу повеќе знаења, инспириран и мотивиран да направам нешто добро за средината, но и со прекрасни спомени и многу забава“, се потсетува Антевски.

Веќе втора година, Николче Башевски од Битола и Стефан Андреев од Скопје се дел од Летната МОФ акакдемија. Токму од овие настани освен со повеќе знаења заминуваат и со многу нови пријатели, децидни се двајцата матуранти, сега веќе и добри другари.

„Се пријавив поради личното искуство од лани, но и многу пријателства со кои останав во контакт. Ја одбрав траката „Учиме право“ . Стекнав многу нови знаења и искуства лани и се надевам дека ке продолжам со вакви активности“, вели Стефан Андреев.

Неговиот цимер од Битола додава: „На оваа академија дојден сум да наулам нови работи со цел кога ке се вратаам во мојата средина да ги пренесам на пријателите за да преземеме нешто што ќе биде корисно за сите млади“.

Летната академија 2015 е посветена на трите теми или „траки“ со кои почна академијата, Дебата , Учиме право и Креативен активизам. Сепак, со оглед на минатогодишните случувања и потребата од повеќе информации, годинава е воведена и темата „Средношколско организирање“ каде се учат начините на кои средношколците можат да се вклучат во своето училиште, на локално нивно.

„Идејата е од една страна да го рефлектираме изминатиот период, сето она што на младите им се случувало минатата година како средношколски права, граѓански иницијативи,  но и средношколски пренум, сите оние предизвици кои ги имаа изминатиот период. Очекувањата се академијата да биде катче каде ќе дискутираат, ќе научат повеќе за тоа како да ги заштитат  своите права, но и ќе излезат со поголемо искуство и ќе бидат поактивни од септември. Ова значи дека им се нудат предавања кои ќе ги зајакнат нивните капацитети и ќе им понудат инспирација како да се снајдат понатаму и како да изградат некои акции за да ја подобрат заедницата во која живеат“, вели Сандра Атанасовска, претседателка на МОФ.

Како што појаснуваат организаторите, со академијата се обидуваат да ги подигнат младинските капацитети и во полето на човекови права, како и знаењата за младински права и политики. Меѓу актуелните теми кои ќе се покренат годинава се и состојбата со мигрантите, пленумите, младинските движења, граѓанските референдуми.

Погледнете го видеото со дел од активностите од отворањето на седмата Летна МОФ академија: