[Видео] Законот за високо образование се смени 20 пати, а студентското организирање уште не е суштински регулирано

„Сегашниот закон за високо образование е менуван повеќе од 20 пати откако е донесен. Сепак, и покрај огромниот број промени од неговото донесување до денес во него има само еден член кој го уредува студентското организирање, па оттаму јасно е и зошто оваа тема се смета за недоречена и конфузно уредена. Новиот закон треба да пружи поголема стабилност и појасна слика за студентското организирање“, вели Фани Димовска од Европска асоцијација на студенти по право (ЕЛСА).

Таа беше една од говорниците на третата консултација за ново студентско организирање, која се одржа на Универзитетот Југоисточна Европа. Студентите имаа прилика да ги споделат своите ставови и мислења за студентското организирање и студентските парламенти.

На настанот свои обраќања имаа и Ветон Иљази – Студентски парламент на Универзитетот на Југоисточна Европа, Јана Нашулова – Студентски пленум, Мартина Илиевска – Младински образовен форум (МОФ), Енгелеј Ајази (Студентски правобранител на Универзитетот на Југоисточна Европа), Блертон Зејнели – Democracy Lab.

„Студентскиот Пленум кој својата битка ја започна пред три години се бори за подобрување на стандардот на студентот но и подобрување на статусот на студентот во општеството. Сметаме дека за да се промени нешто потребно е да се почне од младите и нивните потреби. Затоа ние како Студентски Пленум го кренавме гласот за подобро високо образование но и за подобрување на студентскиот стандард кој сметаме дека е клучна работа. Се надеваме дека оваа Влада за разлика од претходната ќе има слух за потребите на студентите и ќе се потруди статусот на студентите да го крене на едно повисоко ниво“, рече Нашулова од Студентскиот Пленум.

„МОФ повеќе години работи на студентското организирање со различни активности. Потребата од ново студентско организирање е евидентна бидејќи речиси на сите универзитети студентските парламенти се нефунцкионални или со нелегитимни претставници подолго време.Иницијативата има за цел да прибере мислење на студенти од 4 универзитетски градови: Скопје, Тетово, Битола и Штип и да се поднесат како препораки до МОН, за истите да бидат внесени во Законот за високо образование кој е во процес на изготвување“ – изјави Илиевска од Младинскиот образовен форум.

По воведните говори, присутните студенти и млади лица имаа можност да ги кажат своите ставови за студентското организирање и начините на кои тие сакаат истото да биде уредено со новиот Закон за високо образование. Консултации веќе се спроведоа во Штип, Битола и денес во Тетово, а ќе се случи и уште една во Скопје. По завршувањето на консултациите, заклучоците ќе бидат сумирани во еден документ. Истиот ќе биде доставен до надлежните институции на „тркалезна маса“ која ќе се одржи на крајот на месец ноември во Скопје.