[Видео] Во Индија срушени луксузни крајбрежни згради поради кршење еколошки прописи

Властите на југозападната индиска покраинска држава Керала вчера срушиле два станбени комплекси на крајбрежјето на езерото Вембанад поради прекршување на еколошки прописи.

Врховниот суд наложил рушење на објектите уште во мај минатата година, откако специјална комисија утврдила дека изградбата на зградите ги прекршило прописите за заштита на крајбрежното подрачје, пренесува Би-Би-Си.

Рушењето ќе продолжи викендов, а според медиумските информации, во двата комплекси има 343 стана, кои биле домови на околу 2.000 луѓе. Ова е една од најголемите акции за рушење станбени објекти досега во Индија.

Властите останале на одлуката за рушење и покрај минатогодишните протести на станарите кои живееле во населбата.

До рушењето дошло откако властите на Керала за управување со крајбрежната зона соопштиле дека локалната власт издавала дозволи за градба без нивно одобрување. Според нив, локацијата на која се изградени станбените комплекси била особено чувствителна област во која не е дозволено градба на нови објекти.

Откако објектите сепак биле изградени, во нив меѓу другите, свој дом нашле банкари, директори и богати пензионери.

Извршен директор на една банка за Би-Би-Си изјавил дека во 2006 година купил стан од 198 квадратни метри за 70 илјади долари, а во меѓувреме цената драстично пораснала и минатата година го продал на еден од неговите соседи за 176 илјади долари.

Но, во мај 2019 година, Врховниот суд пресудил во корист на Властите за управување со крајбрежната зона, со образложение дека инвеститорите ги нарушиле градежните прописи. Судот заклучил дека се работи за дивоградба, која претставува огромна загуба за животната средина. Судот потсетил и на разорните поплави кои се случиле во Керала во 2018 година, кои според нив биле последица на „целосното нарушување на животната средина и нелегалното запоседнување на крајбрежните области“.