[Видео] Владан Јолер: Државата секогаш ќе сака да ги замеша своите прсти во интернетот

Владан Јолер е еден од основачите на конференцијата SHARE, која започна да се одржува од 2012 година во Србија и поранешен уметнички директор на музичкиот фестивал Exit.  Тој за себе вели дека е интернет еколог, а пират по убедување. Јолер е професор на одделот за нови медиуми на Академијата за ликовни уметности во Нови Сад. Во интервју за Радио МОФ, Јолер раскажува за неговата страст за компјутерските игри, за почетоците на конференцијата која за краток период успеа да соедини активисти од цел свет, но и за своите почетоци како уметнички директор на Exit.

Од каде идејата за Share и како прерасна во конференција за слободата на говор, активизам и интернет култура?

Идејата се роди во 2010 година, во тоа време таквите конференции не беа толку популарни и целата идеја беше да се направи некој настан што ќе се занимава со едукација, бидејќи тој период беше порадикален. Значи, ниту TED конференциите не беа толку популарни на овој регион, ниту други настани кои сега постојат. Така што, тука некаде се појави еден експеримент. Голем дел од таа екипа потекнува од Еxit фестивалот кој се уште е еден музички фестивал. Но, почетоците на тој Еxit фестивал излегоа од тој некој социјален активизам и потоа размислував како би изгледал тој активизам во 2011. Тогаш, ја склопивме таа идеја како комбинација помеѓу прогресивната култура, технологија и социјалниот активизам.

Што заклучивте од досегашните изданија на конференцијата?

Ние сфативме дека е во ред да се има конференција, тоа е супер, голем број луѓе се собираат и потоа сите се среќни, сите слушаат интересни предавања. Но, она што ние сфативме дека недостасува е кога ќе заврши конференцијата, по тоа не постои речиси ништо. Тогаш, сфативме дека во Србија и во регионот имаше неколку случаи кои беа доста проблематични во врска со интернет слободата и општо човековите слободи поврзани со технологијата, дека не постои капацитет на таквите проблеми да се одговори. Сфативме дека не решава многу ако се направи конференција која ќе трае два дена и сите ќе уживаат. Некогаш тоа ги поттикнува луѓето да направат нешто, но не може доволно да ги едуцира луѓето, да ги натера да се занимаваат со работите на посериозен начин.

Конференцијата е поделена на Share Conference и Share Defence. Што претставува Share Defence?

Паралелно со тоа се одлучивме да направиме формација која се вика Share Defence, која е всушност комбинација на правници и стручњаци поврзани со технологија. Во најголем број, тоа се сајбер-форензичари и тогаш почнавме посериозно да се занимаваме со случаите за повреда на интернет слобода и човекови слободи на интернет, што доведе до неверојатна количина на случаи со кои се занимававме до пред година дена. На пример, кога ќе се случи напад на некој истражувачки новинар или независен медиум имаме екипа која може технички, од една страна да утврди што точно се случило, тоа се сајбер-форензичарите и имаме правници кои можат да го формулираат тој проблем и да го искомуницираат на вистински начин. Така што, ние некако презедовме активна улога на „watchdog“ организација на тоа поле. Претходната година, на пример, имавме случаи каде пронајдовме пет милиони фајлови со приватни  податоци на граѓани на Србија, па реагиравме. Потоа, спречивме еден закон кој требаше да воведе филтрирање на интернетот во Србија, па имавме случаи на цензура, симнување на материјали, кој беше до некаде политички непогоден, така што ова беше доста динамично поле што сега многу ме задоволува бидејќи е многу позабавно од правење конференции.

Share им помага на организации кои сакаат да направат нешто во областите за кои се залага самата конференција. За што станува збор?

Ние не сме класична фондација која помага со алокација на некои фондови, бидејќи ние ги немаме тие фондови. Но, она што ние го даваме е знаење и луѓе, контакти. Ние во поголемиот дел се занимаваме со случаите кога некоја организација има проблем со напади на интернет или некој друг вид на технолошки притисок. Ние ја даваме нашата експертиза. Имаме тим на правници, имаме сајбер-форензичари, можеме да им помогнеме на тој начин. Од друга страна, ние имаме неколку технолошки бази на  податоци и знаење, тоа се правни регулативи кои ние сме ги истражиле, тоа се истражувања и од некоја трета страна, како работилници, тренинзи. Неодамна почнавме да работиме со деца од пет години и тоа е доста интересно.

Кон што се стреми активизмот денес?

Во изминативе неколку години мене ми е мило што излеговме од таа некоја „тинејџерска“ фаза и воодушевување на тие нови медиуми и социјални мрежи за тоа како тие можат да направат револуција. За среќа, излеговме од тоа и до некаде е прифатено дека социјалните мрежи и тие технологии влијаат, но сите сме свесни дека тоа не е толку лесно како што изгледа, ниту некогаш било. Она што е доста интересно е што поентата се префрли на прашањето за приватноста и надгледувањето, се отворија нови прашања од Сноуден, па натаму. Така што, мислам дека сега, пет години подоцна, таа приказна – од една страна слобода на интернет и човековите права, како и таа интерсекција на човековите права и технологијата е многу позрела. Меѓутоа, не можеме да кажеме дека постои голема победа, бидејќи, иако е многу големо нивото на кое се случуваат различни форми на повреда на човековите права, во контекст на технологијата, голем број од тие нивоа се невидливи за човековото око, така што тоа е многу тешко да се искомуницира. Дури и за самата приказна со Сноуден, она што е фантастично во таа приказна е дека таа сепак после година дена е добро искомуницирана. Луѓето почнуваат да размислуваат за целиот систем. Но, постојат многу други сегменти кои не беа ни начнати.

Вие сте дел од групата Eastwood, која веќе 12 години работи на нови верзии на играта „Цивилизација“. Од каде желбата за компјутерски игри?

Нешто што сум сакал отсекогаш е да земам компјутерска игра, да ја отворам и да видам што има внатре во таа игра и потоа да се обидам да променам нешто и да направам друга игра. Практично некој вид на хакирање на играта, но не во смисла да ја продавам, туку за лично задоволство. Прва игра која успеав да направам така е Quake 1 игра и избришав се што имаше од графика и ставив само црно бели пиксели, а потоа добив некое чудо. Потоа, сфатив дека е многу бесмислено што кај повеќето игри, да речиме мултиплеер игрите, некои луѓе се собираат на едно место и пукаат едни на други, а би можеле да прават многу други работи. Јас почнав да се занимавам со модификација на тие онлајн мултиплеер игри.

Пред да се случи Share беше музичкиот фестивал Exit. Какво е искуството да се биде уметнички директор на овој фестивал?

Јас имав доста лично искуство. На почетокот ми беше мејнстрим, но како дел од моите први години тоа беше една неверојатна работа и ние тогаш имавме 20 години. Мали бевме и бевме на позиција каде на 20 години правиш најголем фестивал во Југоисточна Европа или правиш кампања, која е поголема од други кампањи во тоа време во Србија. Тоа беше неверојатно искуство. Тоа е доста тешка работа, иако изгледа забавно, но настаните во живо се навистина тешки за правање бидејќи голем дел од деталите не можеш да ги контролираш. Дали ќе ти заврне или ќе се сруши нешто. Така што, тоа е една доста динамина работа. Е сега, јас испаднав од целата приказна затоа што никогаш не сакав да се занимавам со музичката индустрија. Да, тоа е симпатично и доста интересно, но јас реално не сакав да бидам дел од тоа. Си реков дека можеби постои нешто друго, нешто побитно.

Каква е состојбата на Балканот со цензура на интернет содржините? Кон што води цензурата?

Ние, реално, на нашиот простор од поранешна Југославија, немаме класична форма на цензура како што има во други држави, како што е во Турција или Кина. Тоа интернет филтрирање. На кој начин државата може да блокира содржина? Може на различни нивоа. На пониско ниво, некои интернет сервис провајдери можат да се блокираат поединечно, може да се блокира еден интернет сервис провајдер или може да се блокира излезот од една држава, значи да се филтрира сообраќајот на интернетот за луѓето да не можат да пристапат до некој сајт. Засега, во Србија имало обиди да се воведе тој закон, но тоа не помина. Постојат различни други форми на цензура, кои се побрутални, како на пример напади на сајтови. Но, затоа постои фактот дека позади тоа стои државата, бидејќи ти денес можеш со кој било, кој има илјада долари или евра, да закупи некој нет кој ќе го сруши некој сајт на одредено време и тоа е она што најчесто се прави. Е сега, јас мислам дека во Србија имавме еден бран на такво рушење на сајтови, хакирање мејлови, но се надевам дека тој тренд ќе помине и дека актерите кои тоа го прават ќе сфатат дека тоа нема многу смисла. Навистина, не ја гледам смислат да блокираш некој сајт бидејќи тој ќе се врати. Ќе се направи нов. Во принцип, ако не се работи на државно ниво да филтрираш сериозни сајтови, да контролираш целосен проток, ова останато е нешто поразлично. Поентата е во тоа што државата не може ни тоа да го направи бидејќи постојат алати со кои луѓето ги заобиколуваат тие цензури, така што тоа е динамично. Државата секогаш ќе сака да ги замеша своите прсти во интернетот бидејќи е битен.

Е.П.