[Видео] Вклучи се во акцијата – исклучи ги светилките

Петта година по ред, Македонија се вклучува во најголемата светска волонтерска акција „Часот на планетата Земја“, кога на 29 март во 20.30 часот по локално време, ќе биде исклучено осветлувањето на многу познати споменици и објекти ширум светот.

македонијо, вклучи се во акцијата – исклучи ги светилките

За првпат од вклучувањето во акцијата, Македонија направи своја маркетинг кампања, во која се придружија 14 познати личности од Македонија и регионот, кои ќе ги исклучат светилките на 29 март и ќе ја покажат својата поддршка за акцијата.

Организаторите го промовираа и финалното видео од кампањата, во кое освен познати личности, своја порака за поддршка кон акцијата испраќаат и останатите граѓани, со што  докажуваат дека не треба да се биде суперхерој за да се спаси планетата Земја.

„Навистина сум среќен што минатите две недели секојдневно промовиравме по една позната личност која се вклучува во нашата акција, а денес ја имаме можноста да ви го прикажеме и официјалниот видеоспот, со кој ќе ја промовираме акцијата Часот на планетата Земја и нашата земја на светско ниво во наредните две недели“, изјави Ѓорги Селков, главен организатор на Часот на планетата Земја во Македонија.

Во акцијата се вклучуваат Министерството за животна средина и просторно планирање како официјален координатор за климатски промени во Македонија, а втора година по ред, Црвениот Крст на Република Македонија преку сите 34 општински организации и Црвениот Крст на град Скопје, ќе ја обединат својата моќ со Часот на планетата Земја и ќе ја покажат
симболиката на најголемата светска волонтерска акција.

„Ќе ги исклучам светилките во поддршка на акцијата, но исто така ќе ги повикам и моите пријатели да го сторат истото, бидејќи кога ќе се обединиме во една заедничка иницијатива, нашата моќ е зголемена, засилена и глобализирана!“ изјави Матеј Костовски, волонтер во Часот на планетата Земја.

Оваа година во Часот на планетата Земја официјално се приклучуваат скопските општини Аеродром и Кисела Вода, а се најавува исклучување на светилките на споменици и повеќе јавни објекти од Скопје и останатите градови во период од еден час во рамки на акцијата.

Оваа година, во 20.30 часот по локално време во мрак ќе потонат над 8.000 градови низ 154 држави ширум светот. Часот на планетата Земја претставува најголемата светска волонтерска акција со еколошки карактер, која има за цел преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час да се испрати силна порака за спас на планетата.