[Видео] Вакцините се уште недостапни за Ромите

Слабата социоекономска положба, честите миграции и неедуцираноста се главните причини поради кои вакцините се уште им се недостапни на голем број ромски деца.

[Видео] Вакцините се уште недостапни за Ромите

Како што покажа истражувањето на неколку невладини организации кои работат на овој проблем, опфатот на вакцинација на децата Роми останува под националниот просек. Најзагрижувачки се податоците за децата на училишна возраст каде опфатот на имунизација се движи од само 35% до 93отсто за различни вакцини.

„Ромските семејства не се соодветно опфатени со патронажни посети како што тоа е предвидено со Програмата. Активностите кои се предвидени во две програми на Министерството за здравство очигледно дека не допираат до ромските средини во обем како што е предвидено и избуџетирано. Исто така поканите за вакцинација евидентно не стигнуваат во ромските семејства, а само мал дел од Ромите се опфатени за време на неделата на имунизација со активности кои се обемни и теренски активности. Секако и оддалеченоста на здравствените домови е предизвик и проблем за одделни општини“, истакна Бојан Павловски од ЕСЕ – Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Македонија.

Анализата на граѓанските здруженија покажала дека иако расте буџетот на Министерството за здравство за периодот 2011-2014, министерството и Владата секоја година во просек кратат за 14% од средствата за превентивна здравствена заштита на мајките и децата. Ако во 2011 година за активна здравствена заштита на мајките и децата се одвоени 2,9 милиони денари, во 2014 година за овие активностите поврзани со имунизацијата на децата Роми се двојат само 350 илјади денари.

„ Проблемот со имунизација е комплексен. Една од главните пречки за проблемот со неимунизирани деца е слабата социо-економска состојба и лошите услови на живеење кои и тоа како влијаат на процесот на имуинзацијата. Честите миграции и селењата претставуваат проблем и за самата заедница да ги добива поканите, но и преземе одговорност и активност да ги имунизира своите деца“ ,смета Зоран Биковски од НВО КХАМ од Делчево.

Истражување во ромските заедници во однос на опфатот на децата Роми со вакцинација и превентивни здравствени услуги е спроведено во седум општини – Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Сарај, Карпош, Делчево, Виница и Пехчево. Проектот заеднички го работеа Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Македонија (ЕСЕ), Центарот за демократски развој и иницијативи (ЦДРИМ), Здружението на просветни работници и заштита на правата на жените и децата – ЛИЛ и НВО КХАМ.

Во соработка со Радио МОФ беше направено и документарно видео за проблемите со кои се соочуваат Ромите во пристапот до здравствената зашита.