[Видео] Убиство на новинар ги разбесни демонстрантите во Хаити

Убиство на новинар, кој одблиску ја следел политичко-економската криза во Хаити, синоќа предизвика револт кај луѓето кои протестираат во земјата.

Илјадници демонстранти марширале до куќата на претседателот Жовенел Мојс со барање за негова оставка.

Новинарот Неми Жозеф бил пронајден мртов во неговиот автомобил во четвртокот со неколку прострелни рани во главата, соопштиле локалните медиуми, пренесува Еуроњуз. Тој јавно се пожалил на закани од политичари блиски до власта поради неговата работа.

Асоцијацијата за онлајн медиуми на Хаити соопштиле дека Жозеф е трет убиен или „исчезнат“ новинар откако претседателот Мојс дошол на функција пред две години.

Протестите во Хаити се одвиваат веќе четврта недела, а се предизвикани од недостатокот на нафта, растечката инфлација и наводи за корупција на државни функционери. Претседателот отфрла било каква вмешаност во нелегални активности.

Најмалку 17 лица загинале, а 189 се повредени за време на демонстрациите, а во меѓувреме во земјата не работат училиштата и трговските објекти.