[Видео] Тензични протести во Хамбург, полицијата со водени топови и солзавци против демонстрантите

Протестите во Хамбург не стивнуваат, демонстрантите постојано се обидуваат да ги совладаат полициските бариери во германскиот град Хамбург, каде за неколку часа светските лидери треба да се сретнат за годинешниот Г20 самит. Најмалку 76 полицајци беа повредени при синоќешниот протест, дел од нив сериозно, соопштија властите. Сепак, тие не дадоа информации колкава е бројката на повредени демонстранти, но информираа дека едно лице е уапсено поради фрлање на шише.

Полицијата интервенираше кога групата демонстранти се обиде да навлезе во црвената зона, односно блокираната област каде треба да се одржи самитот, додека други групи организираат собири низ целиот град. Полицијата користеше водени топови кон демонстрантите, а тие пак возвраќаа со шишиња и димни бомби

Членови на протестот „Обој ја црвената зона“ велат дека се обидуваат да им го отежнат патувањето на учесниците на Г20 самитот во ограничената област.

„Ние живееме во демократија, а црвената зона не е демократија“, вели Карл, студент демонстрант од Дизелдорф.

„Јас сум сигурен дека не можеме да ги запреме сите овие лидери да се сретнат, но ако спречиме да добијат храна или кетеринг за кратко, барем сме постигнале нешто“, рече тој.

Кристијан, еден од организаторите на протестите, рече дека „поентата е да се саботира Г20 самитот“.

„Не е во ред што неколку држави одлучуваат што ќе се случува со остатокот на светот на овој самит“, смета тој.

Протестите во останатите делови на градот стануваат насилни.

Чад се забележува во воздухот од пожарите предизвикани од демонстрантите.

Полицијата побара од јавноста да ја избегнува областа во близина на железничката станица Алтон, бидејќи се палеле возила и се фрлаат молотови коктели.

Утрово, пак, помала група демонстранти беа запрени откако се обидоа да маршираат по улицата каде треба да се движат делегатите на Г20.

Групата Г20, во кој учествуваат 19 држави од Европската унија, го сочинува речиси 80 отсто од светскиот БДП. Приближно две третини од светската популација живеат во Г20 државите.

За време на дводневниот собир во родното место на канцеларката Ангела Меркел, се очекува лидерите да дискутираат за климатските промени, тероризмот и миграцијата.

Голем дел од граѓаните демонстрираат против капитализмот, но дел се приклучија за да го изразат својот револт против климатските промени.