[Видео] Студентка од Шведска со протест во авион сопре депортација на барател на азил

Активистка качена на авион на аеродромот во Гетеборг спречи депортација на Авганистанец барател на азил во Шведска преку одбивање да седне на своето место додека човекот не биде отстранет од летот.

Елин Ерсон, која според нејзината Фејсбук страница е студент на Универзитетот во Гетеборг, купила билет за летот од Гетеборг до Турција, откако заедно со други активисти за баратели на азил, разбрала дека млад Авганистанец требало да биде депортиран, пренесуваат шведските медиуми.

Кога се качила на авионот, Ерсон започнала својот протест на англиски јазик да го стрима во живо на социјалните мрежи. Видеоснимката е прегледана повеќе од 2,2 милион пати.


Соочувајќи се и со симпатии, но и со нетрпеливост од другите патници, снимката покажува како Ерсон се бори да ја задржи својата присебност.

„Не сакам да биде изгубен човечки живот затоа што вие не сакате да го пропуштите летот. Нема да седнам на седиштето додека човекот не биде надвор од авионот“, вели таа во видеото.

Ерсон неколкупати е повикана од стјуардот да престане со снимање.

„Правам сè што можам за да спасам човечки живот. Сè додека некој стои, пилотот не може да полета. Сè што сакам е да ја сопрам депортацијата и потоа ќе се придржувам до правилата. Ова е законски и не правам никакво незаконско дело“, одговара Ерсон.

Кога еден разлутен патник се обидува да и го одземе телефонот, таа му се обраќа: „Што ти е поважно, живот или твоето време? Сакам да биде спуштен од авионот бидејќи тој не е безбеден во Авганистан. Сакам да ги променам правилата во мојата земја. Не ми се допаѓаат. Не е во ред да се праќаат луѓе во пекол“.

По тензичната ситуација, во која аеродромските служби одбиле да применат сила за да ја отстранат Ерсон од летот, патниците аплаудирале кога барателот на азил бил отстранет од летот, следен од Ерсон.

Протестот ги актуализира внатрешните критики на строгите правила за азил во Шведска. Владата се залага за продолжување на депортациите на барателите на азил пред изборите во земјата, кои треба да се одржат во септември, на кои главната тема е имиграцијата и азилот, каде висока поддршка добиваат крајно десничарските демократи.

Претходно овој месец, Авганистанец кој требало да биде депортиран бил отстранет од лет пред да го напушти Гетеборг откако гласно протестирал во авионот.

По нападот на хотел во Кабул во јануари, каде 22 лица беа убиени и бомбашкиот напад во кој загинаа 100 лица, Шведска накратко ги сопре депортациите во Авганистан. Но, Шведската служба за миграција сега тврди дека според нивните проценки земјата е безбедна за барателите на азил на кои им се одбиени апликациите.

Откако Шведска ги усложни процедурите за бегалците и мигрантите да останат во земјата, барањата за азил имаат големо опаѓање.

Локалните медиуми пренеле дека човекот кој требало да биде депортиран во понеделникот исчезнал, но Дојче Веле јавува дека тој е во притвор и ќе биде депортиран на некој друг датум.