[Видео] Студенти и професори пред УКИМ: Време е сите да го кажеме својот став и да не се криеме

„Доста беше виткање на кичми, време е сите да го кажеме својот став и да престанеме да се криеме позади студентите“, порача професорката Синоличка Трпкова на денешниот протест на Студентски пленум, кој заврши на платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Ова се однесува на нејзините колеги професори, ректорската управа и ректорот, за кои вели дека мора да застанат на страната на студентите.

„Време е сите да покажеме став, кои сме, за што зборуваме, и време е да не се криеме позади нив (студентите). Досега можевме да ги свиткаме кичмите, но денес, професорите мора да кажат дека се на страната на студентите, демократијата и на страната на легалните избори на Студентски парламент. Се надевам дека сите ќе собереме храброст да ја сочуваме автномијата на најстариот уиверзитет „Св. Кирил и Методиј“, рече Трпкова.

На ова се надоврза нејзината колешка, професорката Маја Стефановиќ, која потсети на почетоците на Студенткскиот пленум, кога на првите состаноци имало по десетина присутни, за потоа да се појават илјадници на протестите.

„Цело ова време, не зборувате ништо друго, освен вистина. Вистина е дека некои крадеа и лажеа, но на крај, вистината излезе на виделина. Да и погледнеме на вистината во очи, да тргнеме на страна статути и членови, ако немаме храброст да и погледнеме на вистината во очи, тогаш немаме знаење и наука, имаме голема лага. Кому му е потребна таа лага? Јас ви благодарам што бевте упорно и храбри и што докажавте дека вие десетмина успеавте да смените нешто. Немојте да се откажете, ако се откажеме од вистината, како да сме се откажале од себеси“, порача таа.

За студентите и за дел од професорите, од огромен успех е вонредната седница на Ректорската управа, која е закажана за понеделник во осум часот наутро, а на која ќе се зборува за случувањата поврзани со студентските избори.

Еден од студентите присутни на настанот рече дека кампусот на УКИМ е просторот каде пред само два дена имало обд за нелгитимни и нелегални избори. Според, статутот на УКИМ, насилството е прекршок на автономијата, забележа тој.

„Откако беа укреадени кутиите и ја повикавме полицијата, беше употребено насилство за кое очекуваме осуда од ректоратот на УКИМ“, рече тој.

Според него, друга исто така, добра вест е што полицијата која им беше придружба на денешниот протест не влезе во кампусот на УКИМ, и за првпат како што рече, ја зачува неговата автономија. Тој како студент, се надева дека во понеделник, професорите и деканите ќе се одважат од овие студентски избори.

„На оваа седница, како студенти очекуваме и ќе порачаме деканите и професорите да се одважат против насилството врз слободната академска мисла и против нелегалните студентски избори. Принципот врз кој се базира овој простор е слобода, ако се прекрши, универзитетот нема да има смисла, затоа мора да ги почитуваме овие норми“, додаде студентот.

Протестот заврши со повик од страна на студентите кон своите колеги да дојдат на седницата во понеделник и да го споделат своето мислење.

Студентите денеска се собраа во 19 часот пред канцелариите на СПУКМ, каде свои обраќања имаа студентите Александра Живковиќ, Ивана Туфегџиќ и Демијан Хаџи Ангелковски.

Тие порачаа дека УКИМ е на студентите и дека ќе го вратат во своите раце, а воедно и побараа ректорската управа и ректорот да ги поништат изборите и да се произнесат за вчерашното како што велат, насилство врз студентите од страна на ЕБР, за време на блокадата. За време на протестот пред СПУКМ, неколку јајца беа фрлени кон прозорците на студентската организација.