[Видео] Студент изработи дипломски труд што ќе го олесни приготвувањето на ајварот

По четири години учење и полагање испити, студентот Бојан Петрески од Факултетот за електротехника и информациски технологии ја одбрани својата дипломска теза со највисока оценка. Неговиот избор на тема предизвика интерес на социјалните мрежи, а привлече и поголема публика за време на одбраната.

Станува збор за трудот насловен „Автоматизација на процесот на приготвување ајвар“, кој се однесува на проектирање систем што врши контрола на целиот процес на приготвување, а со тоа им се олеснува работата на домаќинствата. Според Петрески, овој систем претставува економско и еколошко решение, а воедно се негува и традицијата.

„Системот се состои од софтверски и од хардверски дел. Сигналите добиени преку поставените сетила се носат до развојната плочка Arduino Uno каде што се обработуваат. За плочката изработена е програма во програмскиот пакет LabVIEW што извршува одлуки за тоа кои акции ќе бидат преземени“, објаснуваше тој за време на својата презентација пред присутните.

Петрески реши да ги покани сите кои сакаа да слушнат за неговата идеја, а можност да дегустираат од ајварот имаа оние кои останаа до самиот крај.

Радио МОФ присуствуваше на неговата одбрана на дипломскиот труд. Во продолжение може да проследите дел од атмосферата, но и да дознаете зошто овој студент се решил токму на ваква тема: