[Видео] „Стратегија нема, ХИВ ќе има“, порачаа граѓани и активисти

Државата конечно да заземе сериозен став за проблемот кој останува да „виси“ откако пратениците пред да се распушти Собранието одлучија да се намали буџетот наменет за превенција од ХИВ/СИДА.

Граѓанските организации бараат државата итно да направи корекција на буџетот за 2017, да изнајде механизам за финансирање на програмите наменети за ризичните групи, но и да обезбеди доволно средства за одржување на оваа мисија, која 12 години опстојува со помош на меѓународни фондови.

Овие барања, тие ги повторија на денешниот марш, по повод Светскиот ден на борбата против ХИВ/СИДА, кој започна од Паркот на новинарите. Тие пред Министерството за здравство симболично, со едноминутно молчење, им одадоа почит на сите досегашни жртви на СИДА, но како што велат, и на сите идни жртви, поради донесената одлука.

„Се солидаризираме со 78 милиони луѓе во светот кои живеат со ХИВ, но се сеќаваме и на 35 милиони луѓе кои се починати. Први декември е денот кога ве потсетуваме на нив, но за жал, дојде денот кога сме тука, за да ве потсетиме на одлуката да се намали буџетот за ХИВ од 59 отсто. Па така, од потребните 65 милииони денари, добивме само за 27 милиони денари. Тоа значи дека сите капацитети, сервиси, тимови кои единствено допираат до тешко достапни заедници, довербата кон истите, градена од 2004 година, труд од цели 13 години, ќе згаснат во идната година, со заминувањето на Глобалниот фонд од Македонија“, посочи Војо Иванов од организацијата ХЕРА за време на своето обраќање пред министерството.

По краткиот говор, граѓаните го продолжија маршот кон Плоштад „Македонија“, каде положија цвеќе, запалија свеќи и поставија импровизиран крст, кој ги симболизира починатите од СИДА.

Во продолжение, дел од атмосферата на маршот низ фотографиите на Радио МОФ.

3

15322507_202075006867541_432213609_o

Е.П.