[Видео] Стотици луѓе во Тунис повторно протестираа против корупцијата и полициската бруталност

Стотици демонстранти вчера излегоа на улиците во градовите низ Тунис, во знак на протест против полициската репресија, корупцијата и сиромаштијата, по неколкуте бурни ноќи кои беа обележани со судири и апсења, јавува „Франс 24“.

Протестите во саботата доаѓаат во време кога земјата се бори да ја успори пандемијата со коронавирусот, која ја осакати економијата и се претстави како закана дека ќе ги преплави тамошните болници.

Над 6.000 луѓе починаа од Ковид-19 во Тунис, а во четвртокот беа пријавени рекордни 103 смртни случаи. Владата вчера донесе одлука со која го продолжи полицискиот час од 20 до 5 часот наутро и ги забрани собирите до 14 февруари.

Но, демонстрантите излегоа на улиците во неколку делови на земјата, вклучувајќи го главниот град Тунис и маргинализираниот регион Гафса, барајќи ослободување на стотици млади луѓе кои беа приведени за време на бурните демонстрации кои се случуваат од 14 јануари.

„Ниту полицијата, ниту исламистите, народот сака револуција“, скандираа демонстрантите во градот Тунис, каде едно лице беше рането по судирот со полицијата.

Голем дел од немирите се одвиваа во квартовите каде живее работничката класа, која врие од бесот од зголемената невработеност и политичката класа која е обвинета дека не успеала да обезбеди добро владеење, една деценија по револуцијата во 2011 година, кога беше соборен долгогодишниот диктатор Зин Ел Абидине Бен Али.

Економската мизерија влошена од новите ограничувања поради коронавирусот во нацијата која е зависна од туризмот, принуди голем број Тунижани да се обидат да ја напуштат земјата.

„Ситуацијата е катастрофална. Политичарите се корумпирани, сакаме да ја смениме владата и системот“, вели 33-годишниот Омар Јавади, менаџер за продажба во еден хотел, кој со месеци зема само половина од предвидената плата.

Полицијата соопшти дека во текот на изминатите денови, досега биле уапсени повеќе од 700 лица. Групите за човекови права пак, тврдат дека бројката на приведени е најмалку 1.000 лица.

Тунис минатата недела одбележа една деценија откако Бен Али избега од земјата поради масовните протести и замина од власта по 23-годишното владеење.

Политичкото раководство на Тунис сега е поделено, а во меѓувреме премиерот Хихем Мечичи чека парламентот да ја потврди големата реконструкција на неговиот кабинет која беше најавена минатата сабота.