Видео-сторија на средношколци од „Михајло Пупин“ победи на Конкурсот „Изрази се преку медиумите“

Берат Ахметај, од Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ победи на овогодишниот конкурс на тема „Сакам да живеам во чиста околина“, во кој средношколци изработуваа медиумски производи на еколошки теми.

Тој изработи видео-приказна поврзана со загадениот воздух. Нарацијата на видеото е подготвена од страна на неговиот другар Илија Ристов. Тие велат дека им биле потребни три до четири дена за подготовката на видеото.

„Младите можат да влијаат кај надлежните со вакви медиумски прозиводи, и тоа многу, поради тоа што, ние младите, сме гласот што треба да биде чуен. Гледаме дека возрасните имаат свои работи и не се залагаат за ова прашање, па ние мораме да покренеме некоја иницијатива за тие да не слушнат и да се вклучат со нас“, изјави Илија.

Берат Ахметај и Илија Ристов, победниците на конкурсот

Сара Николова и Вероника Панова од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес го освоија второто место за фото-приказна, која на мошне инспиративен и креативен начин посочува каде се греши кога станува збор за животната средина. Третото место на конкурсот и припадна на Вероника Кузманоска од гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп.

На Конкурсот, организиран од Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Реагирај, не игнорирај“, учествуваа средношколци од 24 средни училишта низ државата. Целта на кампањата е зголемување на притисокот кон јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и потикнување на граѓанскиот активизам.

„Споредувајќи со генерацијата на која и припаѓам, предноста е тоа што денеска младите имаат едно мошне силно оружје, коешто им е лесно на дофат, со кое можат да направат да бидат слушнати во јавноста и да ги посочат промените кои сакаат да ги видат во општеството, а тоа се медиумите“, рече Александра Теменугова, од Институтот за комуникациски студии, обраќајќи се кон средношколците, истовремено заблагодарувајќи им се на професорите за поддршката што им ја даваат на учениците.

Амбасадорката на Велика Британија во нашата земја, Рејчел Галовеј, која им ги доделуваше наградите на најуспешните учесници на конкурсот потенцираше дека откако е во Македонија, ја следи дебатата за животната средина, загадувањето на воздухот и урбаното планирање.

„Сè тоа е важно, затоа што нашите животи зависат од животната средина, квалитетот на воздухот што го дишеме и храната што ја јадеме, покажува колку се грижиме за средината“, додаде Галовеј.

Слики на депонии, реки затрупани со ѓубре и уништувањето на природата беа некои од најчестите мотиви помеѓу фото-приказните на средношколците.

„Предуслов за секој демократски процес е добро информиран граѓанин, а не пасивен восприемач на медиумските пораки. Учениците од нашата гимназија се охрабрија да го изразат својот став за проблемите во својата околина, се поттикна нивната креативност да  создадат медиумски продукт со кој ќе привлечат внимание“, рече професорот Кочо Кочев од гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци.

Завршниот дел на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ беше обележан со изложба на фото-приказните во ЕУ Инфо Центар.

Мартин Колоски