[Видео] Стефанија Темелковска e победничка на 18. Ораторски вечери

Стефанија Темелковска, студентка на магистерски студии по односи со јавност е победничка на синоќешната, 18-та по ред Ораторска вечер која се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

На финалната ораторска вечер која го носи името Иво Пухан во чест на легендарниот професор по римско право и реторика, настапија 14 финалисти кои конкурираа со свои или јавно објавени теми со правно-политички, културолошки или социјални мотиви кои ја засегаат пошироката јавност. Од сите четиринаесет финалисти, со награда си заминаа Ратко Ајцев (третонаграден), Маја Вељановска (второ наградена) и победничката Стефанија Темелковска. Таа на публиката ѝ зборуваше за проблемот со запоставувањето на македонскиот јазик и несоодветното и непотребно користење на странцизми, наместо на богатиот речник на нашиот мајчин јазик.

„Мотивирана бев за овој говор. Тоа е мојата вечна болка како дипломиран филолог. Ми пречи сето она со кое го сквернавиме мајчиниот јазик и ги користиме странските зборови кога во македонскиот јазик има соодветна замена. Кога наместо сигнификантен прогрес ќе речеме значаен напредок, признаваме дека не сме претставници на престижна класа, кога не сме тоа“, изјави Темелковска.

За прв пат во 18 години беше воведена и нова награда, односно стипендија на АЛБАХ Европскиот форум за ораторство, која беше доделена на магистерката по политологија Ивана Стојковска. Воедно таа ќе добие и шанса да учествува на Европскиот натпревар по ораторство во Австрија, во август 2015.

„Многу сум задоволна што ја добив оваа награда, особено затоа што гледам шанса и во Европа да настапам со овој голем проблем за нашите простори, што за мене е несомнено предизвик. Темата на мојот говор, немањето пристап на македонските универзитети до датабаза на научни трудови и списанија, е одбрана со надеж дека ако Македонија не ни помогне на нас студентите да имаме пристап до тие списанија, можеби Европа ќе го стори тоа“, изјави  Стојковска.

Публиката, која за говорите кои и беа сродни и ги следеше со големо внимание не ги штедеше стоечките овации и громогласните аплаузи, воглавно замина со позитивни впечатоци. Позитивните оценки за натпреварувачите и темите ги сподели и наставниот кадар.

„Сум ја следел Ораторската вечер повеќепати и можам да кажам дека од година во година има сé поквалитетни натпреварувачи. Имаше многу добри оратори и одлични говори, и повеќето од нив ми оставија позитивен впечаток. Сепак, годинава од просторијата ќе излезам помирен од минатата“, изјави Марко Кртолица, асистент по Политички систем и Современи политички системи на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Кртолица додаде и дека за него ораторските вечери се одличен начин да се поттикне критичкото размислување кај студентите, но и се од голема важност за Правниот факултет, како негов заштитен знак и едно од обележјата на установата.