[Видео] Средношколците ќе го поддржат протестот на наставниците во недела

Средношколскиот пленум ќе го поддржи најавениот протест на наставниците кој ќе се одржи во недела и се надеваме на една голема бројка присутни средношколци, изјави денеска ученикот и претставник на овој пленум, Љупчо Миленковски, на дебатата на Радио МОФ – „Екстерното тестирање (не) го подобрува квалитетот на образованието“.

На дебатата се дискутираше за најавениот протест против лошите реформи во образованието, со посебен акцент на екстерното оценување.

Гости во студиото беа професорот Владо Димовски од Наставнички пленум, Љупчо Миленковски од Средношколски пленум и Марија Мирчевска од Младински образовен форум. Иако испративме покана за присуство и до Министерството за образование и наука, оттаму не добивме одговор.

Професорот, Владо Димовски рече дека образованието е столбот на општеството, и затоа не смее да се измислуваат закони кои само треба да се протуркаат и поминат во Собрание, без анализи и познавање.

„Ние имаме проблем со самобендисаноста на некои луѓе кои сметаат дека најмногу знаат и не ги вклучуваат практичарите“, истакна Димовски.

Според Мирчевска од МОФ, потребно е целосно редефинирање на концептот на екстерното тестирање, кое во меѓувреме би станало пилот проект неколку години, без реперкусии за учениците и наставниците.

Во продолжение погледнете го видеото од денешната дебата: