[Видео] „Срам да ви е!“: Протест на британските пратеници откако премиерот го суспендираше парламентот

Со невообичаени сцени на хаос и бес во Долниот дом, британскиот парламент и официјално е суспендиран на пет недели на барање на владата.

Голем дел на пратеници демонстрираа против наметнатата суспензија, со порака дека „се замолкнати“ додека извикуваа „Срам да ви е!“ околу претседавачот со парламентот.

Суспензијата доаѓа откако премиерот Борис Џонсон не успеа да издејствува вонредни избори во октомври бидејќи пратениците инсистираа првично да се донесе законска забрана за излез од Европската Унија без договор. Џонсон ги изгуби сите шест гласања во парламентот откако беше назначен за премиер.

Но, и покрај целата драма, како што анализира Гардијан, ништо не е променето и сите работи сè уште висат во воздух. Нема избори кои ќе го одблокираат политичкиот процес, ниту цврсти гаранции дека премиерот Џонсон ќе го почитува законот со кој се забранува Брегзит без договор. Нема гаранции дека ЕУ ќе даде уште еден продолжен рок за излез на Велика Британија од ЕУ, а сега нема ниту парламент кој може да ги реши овие прашања во следните пет недели.