[Видео] „Smut“ го објавија спотот за песната „Во мојот град“

Хардкор составот „Smut“ („Смат“) точно напладне преку „Јутјуб“ објавија нов видео запис на песната „Во мојот град“ од албумот „Тие се насекаде“.

Според составот, се работи за песна со големо значење и емоција.

„Песна посветена на луѓето кои сакаат да прикриваат убиства, кои ги користат тие убиства за своите маркетинг кампањи. Посветена на луѓето кои без грам совест ќе искочат на тв екраните и со тажен поглед глумат невини жртви. А вистинските жртви се уште имаат име. Запомнете ги Мартин, Тамара и децата од Смилковско Езеро. Тие не беа ваша кампања и не беа дневен проблем од кој треба да се решите. Знаеме дека ние нема да го заборавиме моментот кога нашиот град не беше повеќе наш!“, соопштуваат од „Smut“.

Инаку, спотот за „Во мојот град“ е во режија на Владимир Митревски – Ѓуле.

Групата „Smut“  ја сочинуваат Ѓорѓи Иловски, Благоја Антовски, Дарко Најдовски, Горан Ристевски и Невруш Бајрам.

Нивниот албум „Тие се насекаде“ беше објавен во мај годинава, а наскоро публиката на „Smut“ ќе има можност да биде дел и од официјалната скопска концертна промоција на албумот во рамки на главната вечер на 20-иот јубилеен фестивал „Таксират“ на 8 декември.