[Видео] Скопјани протестираа против токсичниот воздух: Спасете ги децата!

„Спасете ги децата“ ечеше кај фонтаната во Градскиот парк во Скопје, каде од 17 часот неколку стотина граѓани се собраа на протест против високото аерозагадување. Притоа, дадоа рокови на градската и централната власт да се произнесат по нивните барања, а во спротивно најавија порадикални мерки и нови помасовни протести.

Собрани главно преку социјлните мрежи, граѓаните на ладното попладне кај Градски парк повторно дојдоа со повеќе транспаренти. Додека провејуваше слаб снег, кај Фонтаната можеа да се забележат натписи „Шо праиме со воздухов?“, „Сакам Дедо Мраз да ми донесе воздух?“, „Издишани институции“, „Нашето здравје не е играчка да си играте со него“, „У…ПМ 10“, „Филтри наместо финти“…

Беа присутни граѓани од секое делче од Скопје – Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир. Сите заедно побараа спас од загадувањето.


Побараа средби со градоначалникот Коце Трајановски и премиерот Емил Димитриев, но кај градските бараки и Владата наидоа единствено на полицајци и обезбедување. Затоа им оставија листови – некролози со бројот на загинати лица од загадениот воздух. Притоа, со едноминутно молчење беше оддадена почит за умрените.

Пред присутните се обрати активистот Лазар Ѓуров, еден од движечките сили на протестот. Тој сите што излегоа на ладното време ги нарече „најсвесните луѓе во градот“. Според него, се додека во овој град има луѓе што се подготвени да дојдат и да протестираат за чист воздух и за здрави деца, децата на оваа нација ќе останат здрави.

„Имам многу функции во животот, а тука сум затоа што сум татко на 2-годишно детенце Калин, кое заглави два месеци дома бидејќи надвор има гнасен воздух со 1.000 ПМ 10 честички. Пред некој ден се собраа градоначалниците кога видоа дека ќе се собираме и почнаа да муабетат дека имало проблем со воздухот. Ајде бе!? Жити мајка!? Па воздухот е загаден 4 години! И секоја година е повеќе и повеќе. И вие се правите како да не го гледате тоа. Покажувате дека баш ви е гајле за луѓето. Јас сум против Панорамско тркало. Против сум Боемски улички, против сум и во Карпош да се уништуваат зелени површини. Прашањето е дали тие тоа го разбираат?“, праша Ѓуров пред насобраните граѓани.


Ѓуров ги повика граѓаните да помогнат, да пробаат да донесат уште луѓе на протестите, да шират информации. Дополни дека „сите ќе се разболиме, но никој нема да реагира“ и дека „од вас зависи дали луѓето ќе станат свесни“.

„Ризик има за секого, ама да знаете и ако не ризикувате ќе умрете од рак. Пак е ист ризикот. Ќе се борите, или ќе се изборите, или нема да се борите, а ќе умрете пак од рак. 1350 деца и возрасни годишно умираат секоја година од загадувањето. Прашање е кое дете ќе замине оваа година само за да има некои кои земале функција, а не знаат да решаваат проблеми“, рече Ѓуров.

Меѓу другите, се обрати и Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје. За него Скопје од октомври во март треба да функционира во вонредна состојба, регулирана со посебен закон. Односно, сите препораки треба да бидат законски мерки.


„Прво, треба да се донесе посебен закон за загадувањет на воздухот во Скопје и другите градови. Нема веќе препораки, мора наредби. И со рестрикции на сообраќајот, и со беспрекорно чистење на улици, и со промена на греењето. Граѓаните мора да се снабдат или со евтино греење, или да се гасифицираат, или да се снабдат со енергетски ефикасни печки. За тоа мора да има пари, без оправдувања. Ако нема надлежност, може да се промени закон. Мора да ги видиме буџетите на општините со висока ставка за аерозагадување, а не само декларативно. Само така ќе се увериме дека има мерки“, рече Ѓоргев.

Инаку, граѓаните денеска до градската и централната власт испорачаа близу 20 барања, односно мерки за справување со смрдливиот воздух. Меѓу нив се и барања за воведување на пар-непар за моторните возила, забрана за движење на возила без катализатори за издувни гасови, бесплатен градски превоз цела зима, обезбедување на бесплатен огрев за граѓаните кои се грејат на гуми и други штетни материи, запирање на сите градежни работи во Скопје, набавка и бесплатно делење велосипеди…


Исто така, побараа Новиот парламент да донесе закон за забрана за уништување на било каква вегетација – кој ќе исече дрво или уништи парк да добие затворска казна од 10 години.

„Новиот парламент да се донесе законска регулатива според која доколку загадувањето ја надмине пропишаната нормала веднаш да мора да се преземаат мерки. Стопирање на сите непотребни трошења за луксузирања (панорамско тркало, боемски улици, стиропорни фасади….) и пренамена на парите за заштита на населените, лечење на болните поради загадувањети и мерки за подобрување на состојбата и решавање на жариштата за загадување(Линданот во Охис, насобраниот одпад во кругот на велешка топилница и други слични потенцијални еколошки бомби)“, стои во барањата на граѓаните.


Од средината на јануари најавија нови протестни собири, па и колективни тужби доколку надлежните не ги сфатат сериозно овие мерки.


Бојан Шашевски