Силно невремето со силен дожд и ветер вечерва го зафати с.Крани и автокампот „Крани“, како и Претор и Наколец. Од невремето има паднати дрвја, бандери и во прекин е и електричната енергија. Во автокампот има паднати дрвја врз камп приколки и истите се оштетени, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Тоа го покажува и видеото кое стигна до редакцијата на Радио МОФ, снимено од хотелот „МВР“ во Крани.
„Луѓето кои престојувале во нив се згрижени кај соседите. Нема повредени. На терен се испратени припадници на МВР ПС Ресен и ТППЕ – Ресен кои работат на расчистување на патот. Известени се ЕЛС – Ресен и останатите надлежни институции“, велат од Центарот.
Од невремето зафатени се и Долно Дупени, Сливница и Љубојно. Во с. Љубојно има паднати дрвја од кои има оштетена куќа и автомобил, во с. Наколец паднато дрво го препречило локалниот пат кон ова село. Селата: Долно Дупени, Крани, Сливница, Претор, Љубојно, Наколец се без струја.