Од ФБ предизвик до видео со култната „Bohemian Rhapsody“ – седумдесетина лица се вклучија во преработката

Од обичен предизвик на Фејсбук на клавијатуристот Никола Јосифоски од Охрид се разви иницијатива за целосно да се преработи легендарната песна „Bohemian Rhapsody“ на групата „Queen“, во која учествуваа 75 луѓе, претежно од Охрид.

Секој од нив одбра по еден или повеќе делови од песната и ја изведе на свој начин, снимајќи се со својот мобилен телефон, а целиот материјал го „спакува“ фотографот Пеце Настевски.

Во разговор за Радио МОФ, тие објаснуваат дека видеото е резултат на онлајн дружбата во последните неколку дена, а намерите за ова не биле професионални, односно дека е подготвено пред сè за забава.

„Добивме еден куп видеа, од точно 75 луѓе. Овие тешки времиња нека нè натераат уште повеќе да се дружиме и држиме заедно. 75 луѓе на едно место, а сепак на безбедно растојание“, коментираат Настевски и Јосифоски.